Регион

Анкета: Над 50 отсто од Грците поддржуваат истополови бракови и посвојување деца

Анкета: Над 50 отсто од Грците поддржуваат истополови бракови и посвојување деца

Мнозинството од Грците, односно 54,8 отсто се согласуваат или веројатно се согласуваат со владината иницијатива за легализација на истополовите бракови во земјата, додека пак 52,9 проценти поддржуваат посвојување деца од двојки од ист пол, согласно резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Марк“, за онлајн изданието на весникот „Прото тема“, јави дописничката на МИА од Атина.

Во анализата на податоците, весникот пишува дека од поединечните елементи на анкетата, произлегува дека „најголеми поддржувачи на истополовите бракови се левичарите и централно левичарски ориентираните, жените и помладите, а резервираност изразуваат оние кои немаат конкретна политичка идентификација, десничарите, гласачите на помалите партии, повозрасните граѓани и мажите“.

На прашањето за можноста истополовите парови да можат да добијат деца преку сурогат мајка, 65,6 отсто одговориле негативно, односно или не се согласуваат или веројатно не се согласуваат.

Во однос на личните очекувања за 2024 година, четворица од десет анкетирани сметаат дека оваа година ќе биде подобра од лани, а 32,3 проценти дека ќе биде иста.

На политичката сцена, Нова демократија е прва со 34 отсто, на второто место е ПАСОК со 12,6 проценти, а трета е СИРИЗА со 10 отсто.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Марк“, за онлајн изданието на весникот „Прото тема“ било спроведено од 8 до 15 јануари со анкетирани 1.093 лица.

To top