Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов вечерва во гостувањето во „Наткаст“ на Љупчо Цветановски изјави дека бил директно вклучен во работата на Анкетната комисија за Онкологија во рамки на Собранието, каде што имал можност да види бројни документи и директно да поставува прашања до луѓето вклучени во процесите поврзани со Онкологија.
– Бев директно вклучен во она што се викаше Анкетна комисија за Онкологија и тогаш имав прилика да видам многу документи и директно да прашувам луѓе кои беа вклучени во тие процеси, изјави Пренџов во гостување во подкастот на Цветановски.
Тој истакна дека и тогаш, но и денес, неговото лично мислење е дека за случувањата на Онкологија бил информиран и поранешниот министер Венко Филипче, како и дека тие процеси биле координирани.
– Тоа е мое лично мислење. Така не мислеше Основното јавно обвинителство, така не мислеше ниту судот и затоа тој не се појавува во тие предмети. Дали тоа е нормално или дволично, треба да оцени јавноста, рече Пренџов.
Тој посочи дека како пратеник и јавна личност, секогаш бил достапен за медиумите и подготвен за јавна дебата, без разлика дали станувало збор за интервју или соочување, и без разлика дали бил во опозиција или во други општествени улоги.
– Јас секогаш сум бил подготвен да дојдам, да дебатирам и да одговарам, независно од тоа кој е спроти мене, а тоа се случувало континуирано во изминатите 10 години, нагласи тој.
Пренџов смета дека во наредниот период медиумите треба почесто да ги поставуваат прашањата до обвинителите, исто како што ги поставуваат до политичарите.
– И обвинителите се јавни личности. Како што јас земам народни пари, така земаат и тие. Како што јас имам одговорност за мојата работа во Собранието, така и тие имаат одговорност за она што значи гонење на потенцијални сторители на криминал. Само така јавноста ќе има поаналитичка и пообјективна слика за тоа што се случува со Јавните обвинителства, истакна пратеникот.
Тој го отвори прашањето дали одредени предмети исчезнуваат или дали одредени лица се изземаат од постапки, како што, според него, се случило во случајот со Онкологија.
– Ви кажав, ОЈО смета дека тој е невин, јас не сметам така. Од документите што ги гледав и од прашањата што ги поставував, впечатокот ми беше дека тој бил информиран за сè што се случувало. Моето лично мислење е дека бил инфилтриран и, да не речам, марионета во процесите што се одвивале таму, заедно со неговиот тогашен близок соработник кој бил премиер. Но, ОЈО така одлучи и против него не беше поведена постапка, рече Пренџов.
На крајот, тој оцени дека во Република Македонија мора да се отвори поширока дебата за одговорноста на сите јавни функционери.
– Не може само политичарите да одговараат за работа што не е нивна. Сите јавни функционери треба да излезат пред граѓаните и да објаснат што се случувало. Само така се гради доверба во институциите, заклучи Пренџов.
Целото гостување на Пренџов погледнете го тука: