Цената на билетите за меѓуградскиот автобуски превоз од Солун кон Атина и обратно, од петок ќе се зголеми од 45 евра, колку што е сега на 50 евра, во еден правец, по одлуката од надлежното министерство за прилагодување на цените поради зголемувањето на трошоците за гориво и други фактори, јави дописничката на МИА од Атина.
Од компанијата за меѓуградски автобуски превоз КТЕЛ од Солун информираа дека со одлуката објавена во Службен весник на 6 март годинава се зголемува таксата по километар, врз основа на која се утврдуваат цените на билетите.
Со новите такси законската цена на билетот за патување во еден правец пресметана согласно километрите изнесува 51,40 евра.
– Сепак, со одлука на Управниот одбор на КТЕЛ Солун, основната цена се утврдува на 50 евра како понуда за патниците. Новиот ценовник стапува на сила од петок, 13 март 2026 година. Со друга одлука на Управниот одбор, се укинува специјалниот попуст при купување онлајн билет (e-ticket), соопштија од компанијата.
Попустот за онлајн што се укинува беше пет отсто од цената, додека пак билетот во еден правец досега чинеше 45 евра или 42,90 ако се купеше преку интернет.
Зголемувања на цените се очекува да има и на останатите линии во меѓуградскиот превоз во Грција.
МИА