Вести Европратеници

Нема проширување без укинување на едногласното одлучување

Во Европската унија во тек се дискусии дали едногласното одлучување треба да се замени со квалификувано мнозинство за да се забрза одлучувањето во алијансата, но на тоа се противат голем број земји.

Нема проширување без укинување на едногласното одлучување

-Нема проширување на Европската унија без укинување на едногласноста во одлучувањето, сметаат авторите на извештајот на Европскиот парламент усвоен во средата.

Пет претставници на либералите, популистите, социјалистите, зелените и левицата, четворица Германци и еден Холанѓанец, се автори на извештајот кој предлага измени на европските договори, меѓу другото, да се укине едногласното одлучување при носење одлуки, да се зајакне законодавството, овластувањата на Европскиот парламент и да се воспостави енергетска и одбранбена унија.

Извештајот беше прифатен денеска со 291 глас „за“ и 274 „против“.

Европскиот совет одлучува едногласно, а Советот на Европската унија го користи овој принцип кога носи одлуки за голем број „чувствителни“ прашања како што се надворешната и безбедносната политика, финансиите, дел од одредбите во судството и внатрешните работи, членството во ЕУ и други.

Либералот Ги Верхофстат и неговите колеги предлагаат создавање на „засилено“ квалификувано мнозинство со кое одлуките ќе ги носат две третини од членовите што претставуваат повеќе од 50 отсто од населението. Тој тврди дека тоа „драматично ќе го подобри“ статусот на „помалите или средните членови“. Нагласи дека тоа не создава „европска супердржава“ и дека „ЕУ не може да се прошири“ без оваа реформа.

Комесарот на Комисијата за меѓуинституционални односи и администрација, Марош Шефчовиќ, во дискусијата рече дека светските кризи ги покажале ограничувањата на сегашната законска рамка.

„Следниот голем приоритет пред нас е проширувањето. Тоа може да биде катализатор за промени. Додека ја шириме нашата Унија, можеме и да ја продлабочиме, заклучи тој.

To top