Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денеска ја презентираше Стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, со која започнува ново поглавје во развојот на оваа институција. Стратегијата поставува јасна и амбициозна визија за трансформација на Зоолошката градина во современ центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните.
Овој стратешки документ претставува суштински исчекор кон модерна, одговорна и одржлива институција, усогласена со највисоките европски и меѓународни стандарди, со цел Зоолошката градина да стане активен чинител во зачувувањето на биодиверзитетот и подигањето на јавната свест за грижата кон природата.
Во прилог објавата на социјални мрежи на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски:
„Зоолошката градина во Скопје ќе стане водечки центар за едукација, заштита на природата и хуман третман на животните
Чест ми е што денес ја презентираме Стратегијата за развој на Зоолошката градина во Скопје, документ што носи јасна визија за модерна, одговорна и хумана институција.
Со неа правиме суштински исчекор од поимот на зоолошка градина како место за забава, кон центар за едукација, заштита на природата и грижа за животните.
Нашата цел е Зоолошката градина да стане училница на отворено, каде децата ќе заминуваат не само со спомени, туку и со знаење, свест и емпатија кон природата.
Едукацијата е најсилната алатка за долгорочна заштита на биодиверзитетот.
Клучен столб на стратегијата е трансформацијата на градината во функционално прифатилиште за заштитени и ранливи видови, со професионална ветеринарна грижа и безбедни услови.
Скопје ја презема моралната обврска да биде дом за животните кои не можат сами да опстанат во дивината.
Стратегијата е целосно усогласена со строгите стандарди на EAZA, со јасна цел за полноправно членство.Тоа значи високи стандарди за благосостојба на животните, активна научна и конзервациска улога, како и највисоки норми за безбедност и одржливост.
Планирана е и целосна модернизација на Зоолошката градина, подобри услови за животните, посетителите и вработените, енергетски ефикасни решенија, зголемена безбедност, како и нови содржини, меѓу кои и центар за хипотерапија за децата со посебни потреби.
Со овие чекори, Зоолошката градина во Скопје ќе прерасне во современа, едукативна и хумана институција, место каде науката и грижата за животот се среќаваат.
Ова е амбициозна, но неопходна визија и затоа ги повикувам сите – институции, граѓански сектор и бизнис заедница да се вклучат во нејзината реализација.“