Македонија во несреќата загинаа 16 лица

Завршни зборови на одбраната за „Ласкарци“: Адвокатите бараат ослободителни пресуди

Со завршни зборови на адвокатот Сашо Дуковски, бранител на четвртообвинетиот во случајот „Ласкарци“, во Основен кривичен суд Скопје денеска продолжи судењето за сообраќајната несреќа во која 16 лица го загубија својот живот а над 30 беа повредени.

Завршни зборови на одбраната за „Ласкарци“: Адвокатите бараат ослободителни пресуди

Според адвокатот Сашо Дуковски, јавниот обвинител во постапката ги нападнал сите докази кои одат во корист на обвинетите. Тој рече дека се формирала коалиција, како што кажа, „помеѓу тој што гони и еден од обвинетите“, што, според него, досега не било забележано во праксата.

– Од каде му е правото на јавниот обвинител да тврди дека какво било дејствие на Горан Дуковски, било со негова евентуална умисла, дека бил свесен за последиците и се согласил со истите. Некој да се согласи со последица од 16 жртви. Поголем правен нон сенс немам слушнато во мојата правна кариера, рече Дуковски.

Адвокатот Дуковски во завршните зборови наведе дека за него, како што рече, е несфатливо како директниот предизвикувач на сообраќајната незгода е шестообвинет во оваа постапка. При својата анализа на докази изведени во доказна постапка истакна дека несреќата е предизвикана од субјективен фактор.

– Факт е дека сообраќајната несреќа настанала исклучиво и само поради субјективен фактор, односно отсуство на внимание на возачот, посочи тој.

Потоа се осврна на техничката состојба на автобусот, со што, според него, сите претходни запирања на конкретниот автобус биле исправни.

– Никаде овој автобус кој што дента веќе претходно дошол во Скопје, не покажува неисправност. Сите вешти лица тврдат дека нема какви било докази дека автобусот имал ослабен систем на кочење. Но, само обвинителството го наоѓа тоа како главна причина за настанување на собраќајната несреќа, рече тој.

Дуковски побара пресуда, со која што обвинетиот Горан Дуковски ќе се ослободи од обвинение.

Завршни зборови денеска даде и четвртообвинетиот Горан Дуковски кој се надоврза на неговиот адвокат во делот на коалицирањето на обвинителот со одбраната на шестообвинетиот. Тој рече дека зборот „безобѕирност“ што обвинителот го употреби во неговите завршни зборови, боли повеќе од обвинителниот акт.

– Во неговите завршни зборови кажа збор „безобѕирност“ што боли повеќе од обвинителниот акт. Од каде нему право да зборува за нашата безобѕирност. Од каде тој знае како јас, моите колеги, без возачот Мане, ја поминавме ноќта кога добивавме информации кој наш близок е загинат, повреден или преживеал, рече тој.

Завршен збор денеска треба да даде и одбраната на петтообвинетиот, Јане Боварски, и шестообвинетиот Маноил Трифуновски.

На минатите рочишта, завршни зборови даваше одбраната на првообвинетиот Дурмиш Белули, второобвинетиот Ремзи Мифтари и третообвинетиот Игор Ѓорѓиевски кои, исто така, побараа ослободителна пресуда тврдејќи дека не се докажани делата што им се ставаат на товар.

Јавниот обвинител, Дарко Јакимовски во своите завршни зборови побара најстрога казна за обвинетите за автобуската несреќа што се случи во 2019 година кај Ласкарци. Според него, кај сите обвинети постоела безобѕирност во постапувањето и било прашање на време само по која основа, како што рече „хаосот на работењето може да резултира со вакви или слични последици“.

Најстрога казна тогаш побараа и оштетени, родители и роднини на загинати во сообраќајната несреќа. Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот. Додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Според членот 300 став 2 од Кривичниот законик, за кој се товарат обвинетите, казната затвор изнесува најмалку четири години.

Процесот го води судијката Диана Груевска Илиевска.

To top