Македонија Скопје

Заврши Скопски маратон, министерот Ристовски им ги врачи медалите на најуспешните

-Ние како Министерство за спорт секогаш ќе бидеме поддршка за ваквите настани кои негуваат вистински спортски вредности, градат традиција и носат промоција на нашата Македонија во светот, истакна министерот Ристовски.

Заврши Скопски маратон, министерот Ристовски им ги врачи медалите на најуспешните

Министерот за спорт Борко Ристовски им ги врачи медалите на најуспешните на денешното јубилејно 20.издание на Скопскиот маратон, упатувајќи честитки за сите учесници на маратонот за нивната издржливост и посветеност. Министерството за спорт е главен покровител на оваа најголема атлетска манифестација кај нас.

-Скопскиот маратон и оваа година покажа дека Македонија е подготвена да организира спортски настани од светски размери. Горд сум што Министерството за спорт е главен покровител на оваа атлетска манифестација која го става Скопје и Македонија на светската маратонска мапа. Ние како Министерство за спорт секогаш ќе бидеме поддршка за ваквите настани кои негуваат вистински спортски вредности, градат традиција и носат промоција на нашата Македонија во светот, истакна министерот Ристовски.

Тој упати честитки до сите учесници на маратонот како и до организаторите и до сите што придонесоа денешната трка да мине во најдобар ред, нагласувајќи дека Скопскиот маратон е една од најзначајните спортски манисфестации која негува традиција и промовира вистински спортски вредности.

-Честитки до сите учесници, за вашата посветеност и напор. Вие сте вистински инспирација и пример дека преку спортот се градат не само здраво тело туку и заедница обединета во поддршката на заеднички цели. Честитки и благодарност и за организаторите, волонтерите и сите што помогнаа во реализацијата на овој голем спортски настан. Вашиот труд и ентузијазам направија овој маратон да биде успешен и сигурен за сите учесници и гледачи. Ова е уште една победа за спортот во Македонија, и се надевам дека ќе продолжиме да создаваме вакви можности за нашите спортисти и за заедницата. Спортот е мост што не спојува, а Скопскиот маратон е доказ за тоа, рече министерот Борко Ристовски.

На годинешниот јубилеен Виз Ер Скопски маратон настапија рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји. Побединик на годинешната трка е Хилари Чемвоно од Кенија. Неговиот сонародник, Даниел Кипротич го освои второто место, а третата позиција му припадна на најдобриот македонски атлетичар, Дарио Ивановски.

Во женска конкуренција доминираше Кенијката Ирине Џеруто. Најдобрата македонска маратонка Адријана Поп Арсова заврши на второто место, а трета беше Вивијан Џелагат од Кенија.

На полумаратонска трка доминираа натпреварувачите од Турција. Прв низ целта мина Џан Хусеин, второто место го освои Емектар Мурат, а трет беше Гедиклиоглу Абдурахман. Најдобар македонски натпреварувач на полумаратонската трка беше Иван Пешовски кој заврши на шестата позиција.

Во женска конкуренција, на полумаратонската трка победи Милица Мирчева од Бугари. Греша Бакрачи од Албанија беше втора, а третата позиција ѝ припадна на Јулие Ларсен од Норвешка.

 

To top