Четворица вработени во затворот Идризово се пренесени на Универзитетската клиника за Токсикологија како последица од пожарот кој избувнал вчера во женското одделение од затворот.
Според информациите, нивната состојба е стабилна, а неофицијално пожарот бил подметнат од затворенички кои запалиле постелнини и душеци.
Потврда за пожарот стигна и од МВР:
„Вчера во 19.55 часот во СВР Скопје од Казнено – поправната установа Затвор Идризово било пријавено дека во затворениот дел од женското одделение настанал пожар во една од просториите“.
Став побаравме и од клиниката за Токсикологија, еве што изјавија за Курир од таму:
Донесени се поради експозиција или изложеност на зголемена концентрација на чад и јаглероден моноксид. Сместени се во оделот за интензивна нега, тие се стабилни, во моментов примаат соодветна терапија, се прават постојано клинички испитувања и до сега тие немаат посериозни отстапувања во здравственат состојба поради труењето кое го добиле. Бидејќи јаглеродниот моноксид е опасен гас кој може сериозно да го наруши здравјето, па дури може и да го загрози животот, бидејќи има околу 270 пати поголем афинитет кон хемоглобинот кои што е транспортер на кислородот во организмот. Во моментот затворските чувари се во стабилна состојба постојано се испитува нивното здравје, примаат соодветна терапија, а во наредните денови сигурно ќе се направат и други испитувања со што ќе се види каква е нивната состојба, вели извор од клиниката за Токсикологија за Курир.
Тие и во наредните неколку дена ќе останат на клиниката поради нивна безбедност, додава нашиот извор.
Од клиниката за Курир велат дека нема други повредени лица, а состојбата на повредените чувари ќе се знае во наредните неколку дена, откако ќе се направат додатни испитувања.