За изборите догодина со Предлог-буџетот за 2024-та се предвидени една милијарда денари или за секој циклус по 500 милиони денари, рече денеска министерот за финансии Фатмир Бесими.
Според него, планираните капитални инвестиции за време на изборите не смеат да се промовираат, но нивната реализација нема да се стопира.
-Јасно е во Законот за спречување на корупција дека за време на избори, тоа што е проектирано не се прекинува, туку за не може да се промовира. Не може да се промовира или да се почне со нови проекти кои може да влијаат врз изборниот циклус. Така да, овие проекти што се проектирани може да се реализираат во текот на наредната година, затоа што се работи за дел од нив што се тековни проекти. Планираните 733 милиони евра за капитални инвестиции во 2024 година се проекции за проекти што се во тек, за нивна реализација, чија реализација доспева во текот на наредната година според првичните планирања на ресорните министерства. Нивното финансирање, дел е од буџетот, дел е од меѓународните финансиски институции. И токму од оваа претпоставка, според проекциите и дискусиите на ресорните министерства, ние ги имаме дефинирано овие за наредната година и веќе оваа година, ако гледаме реализација и назад во претходните години, имаме постојана реализација на повисоко ниво на капитални инвестиции во однос на претходните години, објасни Бесими, одговорајќи на новинарски прашања, откако претходно ги образложи буџетските ставки за 2024 година во Предлогот што го усвои Владата.