Македонија МОН

За 5 години се затворени 45 училишта во Македонија: Ќе учат ли сите ученици во една смена?

Најголемиот проблем е во Скопје, па тука би се доградувале дополнителни простории, за и кај нив да се воспостави ваквиот начин на реализација на наставата.

За 5 години се затворени 45 училишта во Македонија: Ќе учат ли сите ученици во една смена?

Поради катастрофалниот егзодус со кој се соочува Македонија, властите во образовниот процес размислуваат да воведат едносменска настава во воспитно-образовните установи. Само во последните пет гoдини, 45 училишта ставиле клуч на вратите. Но, наеднаш да биде воведена оваа новина е практично невозможно, поради тоа што постојат училишта каде се држи настава и во три смени, анализира Сител.

Едносменското работење не значи дека учениците осум часа ќе имаат предавања. Тие после слушање на наставата која е предвидена, ќе си напишат домашно, а тетратките и книгите нема да ги носат дома.

Министерката за образование, Весна Јаневска стои на ставот дека со ова би се решил проблемот и со 3.000 наставници кои се моментално вишок во воспитно-образовниот процес. Од досегашните мапирања на МОН е утврдено дека во повеќе градови во внатрешноста постојат поголеми услови за спроведување на едносменско работење.

Најголемиот проблем е во Скопје, па тука би се доградувале дополнителни простории, за и кај нив да се воспостави ваквиот начин на реализација на наставата.

Прилогот на Сител погледнете го во продолжение:

За најавената настава во една смена на ниво на цела држава, министерката Јаневска објасни дека тоа е програмската определба на ВМРО ДПМНЕ, дека се однесува на основното и на средното образование, и дека следи период на градење услови за да може да се реализира.

„Некои училишта можат тоа да го изведат и сега, но има и училишта во кои се работи во две или три смени. Во моментов во Министерството се прави анализа, по што, онаму каде што има услови, ќе побараме тие училишта да работат само во една смена. Ова е значајно не само затоа што е поприродно учениците наутро одморени да доаѓаат на настава, туку и затоа што овозможува подолг престој на учениците во училиште и реализација на многу дополнителни наставни и воннаставни активности. Оваа практика во светот се покажала како многу корисна. Во договор со Бирото за развој на образованието, кое има изготвено наставни програми за бројни изборни предмети, тие ќе им бидат понудени на училиштата“, рече министерката пред неколку денови.

Најнови вести од Македонија

To top