Македонија ЗЕЛС

Взаемна поддршка на општините и МВР во преземање на активности за превенција од евентуални поплави и пожари

Управниот одбор на ЗЕЛС на денешната седница ги разгледа и заклучоците на работната група составена од претставници од општинска администрација од областа на урбанизмот од повеќе општини, во однос на преземање на идни активности за остварување на поголема безбедност во угостителските објекти.

Взаемна поддршка на општините и МВР во преземање на активности за превенција од евентуални поплави и пожари

Управниот одбор на ЗЕЛС денес во административната зграда на ЗЕЛС ја одржа 27 седница на која, на покана од ЗЕЛС, присуствуваше и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски. Главна тема на дискусијата беше реализирање на взаемни активности за превенција од евентуални поплави и пожари, кои вообичаено се изразени во пролетниот и летен период од годината.

Беше договорено заклучно со вторник, општините да го информираат ЗЕЛС за сите детектирани кризни точки во рамките на својата територија, да ја наведат расположливата механизација за дејствување и бројот на пожарникари; но и да ја потенцираат потребната помош во опрема или други материјални добра за што побрзо елиминирање на утврдените предизвици.

Потоа, кон средината на следната недела беше договорено да се одржи заеднички состанок на кој ќе учествуваат дел од членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС, министрите за внатрешни работи и за земјоделство, шумарство и водостопанство; директорите на надлежните институции за заштита и спасување и соодветните јавни претпријатија.

На состанокот ќе се утврдат најприоритетните кризни точки на кои ќе се дејствува и ќе се договори соодветна координација за обезбедување на потребната поддршка при взаемното дејствување. Беше посочено дека општините кои располагаат со потребната опрема веднаш да започнат со расчистување на сите водни канали и речни корита, по што ќе пристапат и со поддршка кон соседните општини.

И претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, посочија дека во моментов ниту општините, ниту централните институции не се најсоодветно технички опремени, а и бројот на пожарникари во ТППЕ не соодветсвува во целост со законски пропишаните норми, што е резултат на повеќедецениско занемарување на инвестирање во овие области. Сепак и двајцата посочија, дека токму со преземање на заеднички превентивни акции може да се надминат моменталните состојби и да се постигнат ефикасни резултати.

Членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС изнесоа одредени иницијативи што во иднина би биле основ за поголема безбедност и превентивна заштита, како: поставување на системи за рана детекција на пожари во непристапните шумски подрачја; елиминирање на постојна законска колизија во однос на надлежностите во постапувањето и прецизирање на одговорноста на институциите; поставување на резервоари со вода на одредени кризни планински точки, но и обезбедување на можност за користење на приватни резервоари за наводнување каде би се поставиле соодветни хидранти што би се користеле само во услови на вакви вонредни состојби.

Управниот одбор на ЗЕЛС на денешната седница ги разгледа и заклучоците на работната група составена од претставници од општинска администрација од областа на урбанизмот од повеќе општини, во однос на преземање на идни активности за остварување на поголема безбедност во угостителските објекти.

Ова произлезе од резултатите што ги покажаа реализираните вонредни инспекциски контроли во изминатиот период, со кои беа воочените поголеми неправилности во поставувањето на урбаната опрема во овие објекти.

Беше изнесена потребата за иницирање на законска измена за создавање на правен основ за утврдување на Правилник за нормативи и стандарди за поставување на урбана опрема, што ќе овозможи воедначено постапување на сите општини, како и воведување на електронски систем за поднесување на барање на поставување на урбана опрема, по примерот на актуелниот електронски систем за издавање на дозвола за градба. На седницата беше договорено да се побара состанок со министерот за транспорт за следната недела на кој ќе присуствуваат претставници од Управниот одбор на ЗЕЛС и на кој детално ќе се дискутира за преземањето на итните чекори во оваа област.

Најнови вести од Македонија

Теми на денот

To top