Помпезно најавена како вонредна прес-конференција на „лидерот“ Венко Филипче, зачинета со две есенцијални грешки во две последователни соопштенија, изјавата на првиот човек на Заев излезе она што сите го очекуваа – СЕ ТРЕСЕШЕ ГОРАТА, СЕ РОДИ ГЛУШЕЦ. Пустиот лидер многу се навредил од вистината што ја кажа негов колега.
Или, поверојатно, превенираше истрага на ЈО за обвиненијата упатени на негова адреса за рекетот што според еминентниот лекар го правеле со Заев?
Сите очекуваа којзнае каква вест, се работеше за прес најавен само 45 минути пред да се оддржи, но на Бихаќка излезе дека тоа го сториле само и само за да неподобните новинари не стигнат на истиот. За да не прашаат тоа што не треба. Стара, мизерна ПИ-Ар финта на параспурите од „новиот“ тим на Венко.
Трогателно и така срцепарателно најавената прес-конференција испадна лита најава за тужба на Венко кон колегата му Жан Митрев, кој во емисија на ТВ Алфа соопшти дека менторот на Филипче, Заев и самиот Венко сакале да му ја купат болницата. Тоа Митрев го обелодени кај Богдан во Алфа:
Богдан Илиевски: Политички големци од претходната гарнитура, на највисоки функции, можеби еден премиер и еден министер за здравство, биле директно заинтересирани за најдат начин до сопствеништво врз вашата болница. Дали сте го слушнале овој муабет?
Жан Митрев: Да, да.
Богдан Илиевски: Дали сте го почувствувале таквиот обид?
Жан Митрев: Да.
Богдан Илиевски. Потврдувате ли дека имало заинтересираност од Зоран Заев и од Венко Филипче да најдат пат до сопствеништво врз вашата болница?
Жан Митрев: Да, имаше такви реални контакти. И на писмено, не само вака…
Во продолжение на разговорот, д-р Митрев објаснува дека на заинтересираните за преземање удели во болницата им објаснил дека освен што биле замрзнати неговата лична сметка и сметката на болницата, Обвинителството ставило забрана и за продажба на удели.
После една недела се случило „чудо“: сметките останале замрзнати, но забраната за продавање удели била симната?! Кој тоа можел да го направи, нели?
И додека мислевме дека на потег е Јавното обвинителство за да реагира по допрен глас и да ги истражи сите околности поврзани со тврдењата на д-р Жан Митрев, испадна дека побрз беше Венко Филипче кој во паника од кажаното за наводите за рекет, јавна тајна која ја претчувствуваше и „мирисаше“ секој во Македонија, особено поради онаа хајка на Шашка и новинарите од ергелата на Заев која не беше бадијала насочена кон Митрев, побрза со КОНТРАНАПАД да се извади од тињата во која се наваса со другарчето од Муртино.
-Сега ќе ги тужам. Мојот одговор преку суд ќе го добијат и наредбодавачите и извршителот, срочи Филипче.
Сето ова било затоа што Власта не сакала реформи, дополни надобудниот теоретичар на заговори, ишкајќи си ја „рекетарската“ мува од капата:
-Не го прават тоа затоа што знаат дека ќе одговараат, а не вака да ги тужам само за клевета. Е, затоа власта не сака реформи, не сака реформирано правосудство по европски стандарди, за токму ова да го прави, рекна Венко.
Следуваше и еден беден сублимат на минатонеделните прес-конференции на Јон кој „некогаш“ шмркал кокаин, ген-секот чие име никој не го знае и оние уште побезимени и скоро малолетните дечиња од самобендисано наречениот АКТ тим на лидерот кој со нив само си дава доза на невиност, толку потребна на неговото крш и овенчано со афери и мега-скандали CV.
И што рече толку ВОНРЕДНО Венко? Што беше причината за прес најавен 45 минути пред оддржувањето? Навредената му суета ли од кажаното од Митрев, спакувано во обланда со старите, бајати ко ланскиот снег минатонеделни лажни вести, саде спакувани на едно место. Се измачиле на Бихаќка правејќи ваков фејк-колаж, мора да се признае. Инаку, го утнаа и денот, ДВАПАТИ ВО ДВЕ СООПШТЕНИЈА ГО НАЈАВИЈА ЗА СРЕДА, денеска…
Лош и наивен дефокус од вистината и од она што следува, превентивна најава за тужба за клевета за нешто со кое ЈО ќе мора да се позанимава и кое е далеку посериозно, се вика РЕКЕТ и злоупотреба на службената позиција од премиер и министер за здравство, велат познавачите за Курир. Паниката и стравот искажани со контранападот, не се несоновани, дополнуваат истите. Митрев најави дека има и пишани докази за обвинувањата.
Ќе смогне ли сили ЈО да зилезе од сенката на СДСМ и Заев, останува да видиме во следните денови.