Македонија По иницијатива на МАЕИ

Во Пустец откриена спомен-биста на Гоце Делчев

Пред присутните со сплет македонски народни песни и ора настапија и членовите на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Битола.

Во Пустец откриена спомен-биста на Гоце Делчев

На свеченост организирана од општина Пустец денеска на плоштадот во оваа општина беше откриена спомен-биста на македонскиот револуционер Гоце Делчев

Поздравни обраќања имаа Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, градоначалникот на општината Пали Колефски, претседателот на македонската партија – Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, Васил Стерјовски, министер-советникот во македонската Амбасада во Тирана, Љуфтим Спахиу, како и претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска во своето обраќање на свеченоста по повод откривањето на спомен биста на македонскиот великан Гоце Делчев во Пустец, Албанија, изрази задоволство дека заедно со Македонците од другата страна на границата, оддава почит на еден од најсветлите ликови на нашата историја, идеолог и борец за слободна и независна македонска држава.

-Делото на Гоце Делчев ги поврзува сите Македонци, каде и да сме. Ние нема никогаш да се откажеме од големите дела и големите зборови на нашите револуционери кои биле на вистинската страна на историјата, како што сме ние денес. Ние кои сме во прогресивниот табор и кои на државата и посакуваме светла европска иднина со рамноправни граѓани и среќни млади генерации – рече Костадиновска-Стојчевска по повод откривањето на бистата на Делчев, на годишнината од неговата смрт.

Пред присутните со сплет македонски народни песни и ора настапија и членовите на Културно-уметничкото друштво „Гоце Делчев“ од Битола.

Бистата се поставува по иницијатива на МАЕИ и е донација од партијата, а беше поддржана од градоначалникот Колефски и едногласно прифатена од Советот на општина Пустец. Таа е дело на авторот Зоран Тошевски од Скопје.

To top