Во организација на здружението „Заборавени Македонци“ од Париз и париската општина Бонди денеска на старите градски гробишта се одржала комеморација за истакнатиот македонски онколог и светски признат научник охриѓанецот д-р Анастас Коцарев по повод 95 години од неговата ненадејна смрт во Париз и 136 години од неговото раѓање.
За ликот и делото на д-р Коцарев говореле градоначалникот на општина Бонди, Стефен Ерве и македонскиот амбасадор Игор Николов.
Во соопштението од Здружението „Заборавени Македонци“ се наведува дека градоначалникот на Бонди ги реафирмирал силните француско-македонски културни врски и поврзаност меѓу Охрид и Бонди преку ликот и делото на д-р Коцарев и неговата трагична судбина и прерана смрт кои скоро еден век го оставиле научникот да биде заборавен од светот.
Македонскиот амбасадор во Франција истакнал дека д-р Коцарев ги поставил темелите врз кои се гради светската научна мисла од областа на радиологијата и и онкологијата и македонската научна мисла и национална свест.
Амбасадорот Николов го нарекол гробот на д-р Коцарев „место на сеќавање, место на почит и инспирација и дека неговите научни истражувања претставуваат мост меѓу Македонија и Европа и доказ дека талентот и упорноста не познаваат граници помеѓу луѓето и помеѓу државите“.
Во македонската Амбасада во Париз бил организиран и прием и отворена изложба на која биле претставени оригиналните изданија на книги од д-р Коцарев и пропаганден архивски материјал издаван од Главниот совет на македонските друштва во Швајцарија во текот на Париската мировна конференција во 1919 година со иницијативи и предлози до преговарачите на конференцијата за извојување на независна држава Македонија.
Во чест на светски познатиот научник и 95 години од неговата смрт, амбасадорот Николов ја именувал уникатната резбана сала во Амбасадата во „Салон д-р Анастас Коцарев“, гест којшто бил поздравен со воодушевување од присутните.
Амбасадорот Николов соопштил дека салонот е дело на охридски резбари и дека тоа е еден симболичен спој на д-р Коцарев со уметничкиот дострел на неговите сограѓани – охридските резбари.