Корупцијата и криминалот или неказнивоста на овие дела е најголемата пречка за развојот на Македонија, како и најголема пречка за застој на патот кон ЕУ. Токму корупцијата и криминалот, или неказнивоста на истите е причина за недовербата во судството. Причина за недоверба се многуте амнестирани криминални активности, именување на високи функции во правосудството на лица блиски до СДС и ДУИ, поточно на нивни извршители, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Кон крајот на 2020 година беше изборот на Добрила Кацарска за судија во Уставниот суд, а веќе во мај 2021 година беше избрана за прв човек на уставниот судија. Кацарска и веќе поранешната обвинителка Вилма Русковска се синоним за пристрасност во судството. Прв човек на Судскиот совет е повторно Весна Дамева. Дамева е судија која самата за себе вели дека е симпатизер на СДСМ. Првиот човек на Обвинителството за гонење на организиран криминал Ислам Абази е човек кој за Али Ахмети вели дека го знаел од видување, а сликан е со него во домашна атмосфера. За Абази повеќе се зборуваше при неговиот избор отколку потоа, а неговиот мандат по изборот на крајот на 2022 година изминува само со неколку соопштенија и тоа е во период кога Македонија добива низа на забелешки од меѓународниот фактор за состојбата со корупција во државава, се наведува во партиското соопштение.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат: „Власта предводена од СДС и ДУИ ги истурка и измените на Казнениот законик за кои холандскиот амбасадор рече дека со нив се обезбедува неказнивост на многу високи функционери и се отфрлаат многу случаи поврзани со корупција“.
-Ова се дел од лицата кои се синоним за судството во Македонија, а кои се познати по извршување на желбите на СДС и ДУИ. Власта предводена од СДС и ДУИ целосно го уништи судството, а довербата во правосудниот систем никогаш не била помала или е само околу два проценти што е во рамки на статистичка грешка. Граѓаните за седум години владеење на СДС и ДУИ од премиерите Зоран Заев и актуелниот Димитар Ковачевски слушаа само „го отворив судството како пупка“, „јас како премиер и Владата ниту сме се мешале, ниту ќе се мешаме во судството“. Состојбата во правосудниот систем во Македонија никогаш не била полоша. Важно е да ги поразиме, порачуваат од партијата.