Министерството за внатрешни работи информира дека за викендов имаат најави за одржување на митинзи во Скопје, а во рамки на изборните кампањи, по што ќе биде воведен сообраќаен режим во главниот град.
Во недела во 13 часот ќе се одржи митинг пред седиштето на Европската унија на ул.„Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
-Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај на ул.„Св. Кирил и Методиј“ почнувајќи од 19,00 часот на 20.04.2024 (сабота) до 21.00 часот на 21.04.2024 (недела). Притоа, за сообраќај ќе биде затворена ул.„Св.Кирил и Методиј“ на потегот од крстосница со бул.„Кочо Рацин“ до крстосница со бул.„Св. Климент Охридски“, информира МВР.
Исто така, на 21.04.2024 во 20.00 часот на плоштад „Македонија“ во Скопје ќе се одржи митинг од изборната кампања за претседателските избори 2024 година.
Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје, а сообраќајот времено ќе се запира на сообраќајниците по кои ќе се движат учесниците на настанот.
За таа цел, МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвиваат настаните.