Собранието денеска ги верификуваше мандатите на пратениците Аднан Азизи и Имрлије Салиу-Фетаи од Коалицијата „Вреди“ и го прифати извештајот на Верификациската комисија која претходно на седница усвои извештај дека нема основ за оспорување на верификацијата на нивните мандати.
Азизи е пратеник на местото на тетовскиот градоначалник Билал Касами, чиј мандат на негово барање не беше верификуван на конститутивната седница, а Салиу-Фетаи доби пратенички мандат по прегласување на неколку избирачки места на 22 минатиот месец во Шетстата изборна единица.
Пратениците ја усвоија и одлуката за избор на претседатели, заменици претседатели, членови и нивни заменици на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците и на Законодавно правната комисија.
Александар Велјановски е претседател на Комисијата за политички систем, а Љупчо Пренџов на Законодавно-правната комисија.
За Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа, по скратена постапка, предложен од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, што е трета точка од дневниот ред, како што рече претседателот на Собранието Африм Гаши, ќе се расправа откако ќе се создадат деловнички можности.
Предлог законот за реорганизација на органите на државната управа пред почетокот на седницата кратко беше повлечен, а од ВМРО-ДПМНЕ појаснија дека тоа е направено поради исправка на номотехничка грешка и повторно е ставен на дневен ред на седницата. Со измените се предвидуваат промени во организацијата на министерствата односно се формираат нови министерства и се прават промени во надлежностите на неколку ресори.
Во тек на утврдување на дневниот ред не беа прифатени барањата на пратениците Сашко Јанчев од Левица и Оливер Спасовски од СДСМ да се повлечат предложените измени на Законот за организација и работа на органите на државната управа.
Спасовски, образложувајќи го барањето, рече дека не е дозволено по скратена постапка да се носи системски закон, со кој се уредува зголемување на бројот на министерства и агенции.
– Сакам да го изразам ставот на пратеничката група на СДСМ, дека не е дозволиво системски закон да се носи по скратена постапка, посебно закон којшто уредува зголемување на бројот на министерствата и агенции и нема ниту проценка на влијание на регулативата. Не навлегувам во аргументите, предлогот, легитимноста, ама тука апсолутно станува збор за сложен и обемен закон спротивен на Деловникот и ние гласаме за симнување на оваа точка од дневниот ред, рече Спасовски.
Од „Левица“ на прес-конференција реагираа на прекршување на процедурата за ова Предлог-законско решение.
– Во процедурата се забележува дека претседателот и мандатарот за состав на новата влада кој во ова својство се појавува како предлагач на овие измени, не го испочитуваа Деловникот и спротивно на праксата за добро работење на Собранието синоќа во 11 часот навечер доставија измени во текстот на законот за организација и работа на органите на државната управа, изјави на прес-конференција пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ.