Македонија

Велешката Брза помош со две возила им помагала на скопските екипи во сообраќајката кај Катланово

Велешката Брза помош со две возила им помагала на скопските екипи во сообраќајката кај Катланово

Две амбулантни возила на велешката Брза помош синоќа итно се упатиле на повикот на колегите од скопската Брза помош за итна медицинска помош на настраданите во тешката сообраќајна несреќа пред тунелот Катланово, во која сите сите настрадани од превртеното комбе се работници од Велес, а кои работеле во Скопје.

Како што информира за МИА д-р Славица Нешова Пановска од Брзата помош при ЈЗУ Здравствен дом Велес, на местото на несреќата тие се упатиле со две амбулантни возила, а од Скопје имало неколку амбулантни возила со медицински екипи кои им укажувале итна помош на повредените. На местото на несреќата од Велес прв стигнал нејзиниот колега д-р Жаре Манасков кој заедно со колегите од велешката служба за брза помош веднаш се вклучиле во давање на итна помош, а потоа еден од повредените итно го однеле на скопските клиники.

Инаку ингеренциите на велешката Брза помош се за реонот на автопатот Велес-Скопје до пред тунелот кај Катланово, но тие биле повикани од своите колеги од скопската Брза помош и најитно се упатиле да им укажат медицинска помош на повредените во сообраќајната несреќа.

Како што информираат од МВР, во СВР Скопје било пријавено дека синоќа во 17.35 часот на автопатот Скопје – Велес, пред тунелот кај Катланово, патничко возило „форд транзит“ со скопски регистарски ознаки, управувано од О.Д.(32) од Велес, излетало од патот и се превртело. Од здобиените повреди на местото на несреќата починале сопатниците А.Н.(37), Ј.А.(47) и Д.Ц.(66), сите од Велес, а смрт констатирал лекар од итна медицинска помош. Додека, со тешки телесни повреди се здобил возачот О.Д. и сопатниците З.С.(59), В.З.(67), Н.Н.(33) и Б.П.(41), сите од Велес, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ во Скопје и Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

Увид на местото на несреќата извршиле увидна екипа на СВР Скопје и јавен обвинител, по чија наредба телата на починатите биле предадени на обдукција.

Најнови вести од Македонија

To top