Променливо облачно време со сончеви периоди ќе преовладува денеска, додека во претпладневните часови по одделни котлини ќе има појава на магла.
Ќе дува слаб, а вдолж Повардарието умерен ветер од северен правец. Утринските температури се движат во интервал од 0 до 6 степени, додека максималните дневни ќе достигнат од 9 до 14 степени.
Во Скопје претпладне се очекува слаба магла, а во текот на денот променлива облачност со сончеви периоди. Живата во термометарот ќе се искачи до 12 степени.
Според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), пред нас е период на стабилно време.
„Нашето подрачје ќе се наоѓа во поле на висок воздушен притисок кој ќе услови стабилно и релативно топло време. По одделни котлини во претпладневните и ноќните часови ќе има појава на магла, поради што дневната температура ќе биде пониска“, соопштија од УХМР.