Податоците од хидролошките станици низ земјава укажуваат на сеуште исклучително високи водостои на река Вардар во горниот дел од течението, како и на река Треска каде сè уште има опасност од излевање на реките. На останатите реки во западните делови каде имаше регистрирано зголемувања, водостоите се во постепено опаѓање кое се очекува да продолжи и до крајот на денот, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во текот на вечерва и ноќва ќе се задржи високиот водостој во горниот тек на река Вардар и на река Треска каде, од УХМР, предупредуваат на внимателност.
-Поради големите води и брзини на течење на водата во рена Треска можат во опасност да бидат дел од времените мостови по течението на реката – предупредува УХМР.
На истокот од земјата состојбата е мирна и единствено посериозно зголемување на водостојот имаше во крајниот долен дел од сливот на река Струмица како резултат на зголемените притоки во тој дел каде имаше обилни врнежи изминатиов ден.
Од УХМР информираат дека во текот на ноќта и утре изутрина се очекува зголемување на водостојот на река Вардар во средниот дел од течението и предупредуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците низ земјата.