Не само дел од политичарите, не само дел од правните и финансиски експерти туку и познавачите на медијацијата изразуваат дилеми околу финансиската организација и операционализација на истата таа. Имено, официјалниот наслов на документот за името е Спогодба за разликите околу името меѓу Република Македонија и Грција, а не е договор како што цело време властите инсистираат и ја именуваат спогодбата. Разликата е во тоа што во медијацијата не постои термин „договор“, постои само терминот „спогодба“ како конечен епилог на решениот спор. Посебната разлика е што во медијацијата парична награда добива само медијаторот, а не добиваат страните во спорот. Но ЦИА мисли различно од ова, затоа што друго констатира и документира…
Спогодбата со Грција со која државата Македонија е преименувана во Република Северна Македонија (име за севкупна употреба) повторно е подведена под сомнение за нејзина можна коруптивна реализација. Овој пат тие сомненија индиректно ги испровоцира објавениот декласифициран документ на ЦИА, шифриран пред повеќе од триесет години. Американската тајна служба во официјален документ соопштува дека Грција во 1992 година му нудела на тогашниот македонски претседател Киро Глигоров финансиска помош од 100 милиони долари за земјата во замена за промена на името на државата, но тој го одбил предлогот. Документот е објавен откако истекол рокот на тајност, но ако се знае дека ЦИА ништо не прави случајно, таа токму сега им понуди на македонската, европската и на светската јавност тема за натамошни анализи и преиспитувања, особено за можните коруптивни околности под кои е потпишана спогодбата за името, пишува Панде Колемишевски за НОВА МАКЕДОНИЈА.
Сите загатки се одгатнуваат
Остана со многу загатки потпишувањето и прифаќањето на Спогодбата за разликите околу името меѓу Република Македонија и Грција во јуни 2018 година, во селото Нивици, во грчкиот дел на Преспа. Тие имаат допир со извесни сомневања за можни финансиски бравури со кои во нашата држава се обезбедени политичка согласност, собраниско двотретинско мнозинство и медиумска поддршка Македонија да го добие префиксот Северна и да се откаже од националните македонски атрибути. Грчката политичка, финансиска и разузнавачка битка за освојување на Република Македонија е почната уште од првиот ден на нејзиното осамостојување. Нивната дипломатија и нивните тајни служби цело време се обидуваа да го пробијат фронтот на одбраната на името уфрлувајќи свои разузнавачи во Македонија под формата на бизнисмени, инвеститори и пријатели. Не е единствен примерот со генералот Николас Грилакис, кому му беа отворани многу врати што водеа кон политичкиот врв на Македонија и преку кого на Глигоров, со посредство на министерот Љубомир Фрчкоски, му беа понудени милион марки како лично мито. И покрај сите јавни и тајни обиди, Грција не можеше да најде македонски партнер што би се согласил за таков анационален чин сѐ до доаѓањето на власт на Зоран Заев.
Самарас: Големи суми пари им се исплатени на издавачи, новинари и на (тамошните) власти и сите пари се искористени за „национално корисни цели“. За оспорување на името на нашата држава!
Според грчки извори, во текот на 1990-1993 година, од тајните фондови на грчкото Министерство за надворешни работи, предводено од Антонис Самарас, биле одвоени 130 милиони долари за да се промовира „грчкиот карактер на Македонија“ во самата Грција и надвор од неа. Во деловите на тогаш именуваната провинција Северна Грција (кај нас позната како Егејска Македонија) беа поведувани големи кампањи името Македонија да им биде давано безмалу на сите позначајни институции и објекти, да биде ставано на мапи, на сообраќајни знаци, дури и на шахти за канализација. Самиот Самарас, еден од главните креатори за оспорување на името на нашата држава, јавно призна дека големи суми пари им биле исплатени на издавачи, новинари, па дури и на локалните власти, додавајќи дека сите пари биле искористени за „национално корисни цели“.
Освен за таа „внатрешна употреба“, дел од доларите се давани за пропагандни цели во други земји, вклучувајќи ја и Република Македонија. Сумата не ја кажа. Но тоа е периодот кога на претседателот Глигоров му се нудени тие 100 милиони евра. Таа година ја регистрира ЦИА, наведувајки го износот што некои го сметаат за давање помош, а други како обид за државен поткуп. За тие доста конспиративни околности, високопозиционирани грчки политичари изразуваа сомневање дека дел од тие пари биле злоупотребени и ставени во приватни џебови. Врз основа на тие гласини беше поведена истрага што заврши, за жал, без заклучоци и без јавни одговори. Сѐ се покри како ништо да не било.
За втората доларска транша и за основано осомничените, кои сѐ уште не се „процесирани“
Втората грчка афера за парите дадени околу македонското прашање изби во средината на декември 2018 година, рамно шест месеци по потпишувањето на спогодбата за името. Тогаш грчкиот министер за одбрана и претседател на партијата Независни Грци, Панос Каменoс, го обвини својот колега, потписникот на договорот од Нивици, министерот за надворешни работи Никос Коѕијас, за злоупотреба на тајните фондови наменети за реализација и имплементација на спогодбата. Каменос прашуваше – од каде на сметките на Коѕијас има толку многу пари? Каменос, иако беше коалициски партнер на владејачката СИРИЗА, се вбројуваше меѓу жестоките противници на спогодбата и директен противник на Коѕијас. Како што е познато, во овие години претседател на партијата и премиер на Грција беше Алексис Ципрас, пријателот на македонскиот премиер Зоран Заев. Според пишувањето на грчките медиуми што ја следеа беспоштедната битка меѓу двајцата министри, фондовите во нивното МНР биле наменети за поткупување учесници и поддржувачи за постигнување договор меѓу Грција и Македонија. Каменос искажуваше остри критики и обвинувања кон Коѕијас, прашањето за парите го постави и во грчкиот парламент. При оваа полемика беа спомнувани суми меѓу 45 и 50 милиони евра, пари наменети за спонзорирање на спогодбата и давани на лица што ја пропагирале, поддржувале и се залагале да се потпише. Во смисла на злоупотреба се спомнувани и суми давани на рака или преку други полулегални или нелегални патишта. Дел од тие пари се лиферувале во Грција, а дел биле наменети за „клиенти“ во Република Македонија. Го обвинуваа дека зел 50 милиони евра од Сорос, дека крадел пари од тајните фондови на грчкото Министерство за надворешни работи. За некои дадени евра имало список на организации, медиуми и личности, но тој список во Грција е класифициран како државна тајна. Каменос и Коѕијас водеа и јавен судски спор, но по неколку месеци, сите информации околу тие настани ги покри маглата на времето.
Милионски суми од грчки тајни фондови за да се сработи во
полза на грчките интереси
Во февруари 2019 година, медиумот со име „Ефимерида“ објави напис во кој соопшти за основано сомнение за користење милионски суми од грчките тајни фондови за финансирање медиуми во Македонија (и Албанија), како и за лобирање за поддршка на нивните православни цркви. Овие пари се користеле за да се финансираат позитивни новински написи за Грција во македонските и во албанските медиуми и да се лобира кај новинари и сопственици на медиуми да работат за грчките интереси. По објавата во „Ефимерида“, грчкото обвинителство нареди итна истрага за објавување доверливи информации, а од кабинетот на премиерот Ципрас реагираа велејќи дека објавувањето наводни информации за распределувањето на тајните фондови на Министерството за надворешни работи директно и штетно влијае врз националните интереси и затоа не е можно тие да го видат светлото на денот. Познато е дека дузина портали, аналитичари и новинари беа вклучени во поддршката на грчките ставови и ставовите на македонската влада да се смени името, активности кон кои беше приклучена и фондацијата „Отворено општество“, односно Сорос во Македонија.
За ролјата на тогашните високи „македонски“ држави функционери
Следејќи ја хронологијата на настаните може да се заклучи дека останаа многу тајни околу потпишувањето и прифаќањето на Спогодбата за разликите околу името меѓу Република Македонија и Грција во јуни 2018 година, во селото Нивици, во грчкиот дел на Преспа. Тие се во допир со извесни сомневања за можни финансиски бравури и облигации со кои се обезбедени политичка согласност, собраниско двотретинско мнозинство и медиумска поддршка Македонија да го добие префиксот Северна и да се откаже од националните историски македонски атрибути. И навистина се случи тоа што го бараа Грците. Македонија го смени името, самоволно ги анулира и ги избриша националните атрибути и ги доведе во прашање идентитетот, историјата, јазикот, писмото и цел корпус од националното наследство. Во македонската јавност до ден-денешен се живи сомневањата за легитимноста на Преспанската спогодба и за улогата на двоецот „ороводци“ на тој анационален чин. Станува збор за претседателот на Владата, Зоран Заев, и министерот за надворешни работи Никола Димитров, двајцата поранешни. Сомневањата се од политичка и од финансиска природа, иако нема никакви докази што би упатувале на каков било деликт од второспоменатата сфера. Со сомневања, а без докази, беше проследена и посетата на делегацијата на ДУИ во Атина кога Али Ахмети на грчките власти им вети поддршка и пратенички гласови за промена на името. Сенката на сомнеж не е отстранета ниту над оние осуммина пратеници што гласаа за промена на името, ниту кон оние лица што ги натераа да гласаат против заземениот партиски став. Јавни информации за добиени пари како награда за заслуги за потпишување на преспанската спогодба соопшти Алексис Ципрас. Имено, тој во 2019 година во изјава за медиумите во својата земја кажа дека германските награди што ги добиле тој и претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вклучуваат и парични износи. Едната награда го носи името „Евалд фон Клајст“, а другата е Меѓународната награда за мир на Вестфалија за 2020 година. Наградите им беа доделени за нивниот придонес за мирот и стабилноста во светот, преку договорот од Преспа. Износите што ги добиле истовремено двајцата не беа соопштени од организаторите. Нешто подоцна самиот Ципрас преку својот фејсбук-профил јавно соопшти дека парите од наградите ќе им ги донира на шест грчки универзитети од Солун, Атина и од Крит. Поконкретно предложи да бидат наменети за награда што би се викала „Награда за мир и соработка на балканските народи“. Зоран Заев при примањето на наградата ‘„Евалд фон Клајст“ во Минхен порача дека успехот на пријателството со Ципрас е врз основа на три култни збора – надеж, дијалог и заедништво. Тој нагласи и дека наградата ја споделува со неговиот, како што рече, драг пријател, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, и со сите други лидери од балканските земји. Наградата, според неговите зборови, им ја посвети на сите млади од Балканот. Заев, во Берлин, ја прими и Наградата за човекови права за 2020 година на германската фондација „Фридрих Еберт“, која му ја врачи германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас, чија земја претседаваше со ЕУ. Тој кажа дека паричниот дел од наградата ќе го донира во државниот ковид-фонд. Паричниот дел никогаш не е објавен. Македонската јавност не е информирана за наводните донации ниту од самиот Заев, ниту од неговиот поранешен кабинет, ниту од партијата СДСМ што ја раководеше до поднесената оставка. За да нема сомневања, тоа може да се провери лесно преку Управата за јавни приходи.
Јавноста во Македонија се надева дека во име на вистинат и чесноста ќе бидат објавени деталите надвор од спогодбата, со која Република Македонија го промени името
Не само дел од политичарите, не само дел од правните и финансиски експерти туку и познавачите на медијацијата изразуваат дилеми околу финансиската организација и операционализација на истата таа. Имено, официјалниот наслов на документ за името е Спогодба за разликите околу името меѓу Република Македонија и Грција, а не е договор како што цело време властите инсистираат и ја именуваат спогодбата. Разликата е во тоа што во медијацијата не постои термин „договор“, постои само терминот „спогодба“ како конечен епилог на решениот спор. Посебната разлика е што во медијацијата парична награда добива само медијаторот, а не добиваат страните во спорот. Во склучените договори е поинаку – извесен процент добиваат странките во спорот по успешно завршената работа. Дали во тој медијациски лавиринт се крие некоја финансиска замка од која материјална корист имаа организаторите и потписниците на спогодбата останува непознато. Јавноста во Македонија може да се надева дека еден убав ден во име на транспарентноста, вистината и чесноста ќе бидат објавени и некои финансиски детали од спогодбата со која Република Македонија го промени името. Се разбира, ќе бидат објавени доколку не ги загрозуваат националната безбедност и ако актерите се согласат да кажат дали имало или немало парични награди или провизии и во какви износи. Со она што го објави, ЦИА можеби само ја протресе пепелта од едно жарче што тлее, од една историска констелација што ја смени националната слика на државата и ги загрози придобивките создавани со децении, ако не и со векови.
Панде Колемишевски за НОВА МАКЕДОНИЈА
