Изминатава недела министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари низа средби со кои што се решија дел од горливите проблеми на земјоделците и самото земјоделство во државата.
Неколку години земјоделството во Македонија тонеше поради лошите политики и задоцнетите субвенции кои требаше да се исплатат на земјоделците. Тоа беше една од причините од регистарот на земјоделци на годишно ниво да исчезнуваат по неколку стотици земјоделци. Тие се откажуваа од земјоделството бидејќи родот го даваа за ниска цена, немаше пари за трудот да си го наплатат, а не пак да се размислуваат и за печалка.
Минатата недела министерот Трипуновски ја објави цената за откуп на винско грозје по завршување на пресметката на Земјоделскиот институт – Скопје на производната цена на килограм винско грозје за двете најзастапени сорти за 2024 година, Смедеревка и Вранец, и истата беше зголемена за 25% согласно Законот за вино.
Цената на килограм грозје Вранец со пресметаните 25% ќе изнесува 20,8 денари, а цената на килограм грозје Смедеревка со пресметаните 25% ќе изнесува 18,3 денари.
„Сакам да потенцирам дека овие цени се за 19 шеќерни единици за Вранецот, и 17 шеќерни единици кај Смедеревката. Што значи дека во процесот на откуп секоја шеќерна единица плус која што ќе дојде на квалитет на грозјето ќе биде дополнително платен“, потенцираше министерот Трипуновски гостувајќи во утринска емисија.
Во утринската емисија тој потенцираше дека за цената се согласија и винарските визби, а здруженијата и Федерација на фармерите ја поздравија истата цена за килограм винско грозје за двете најзастапени сорти за 2024 година.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски на социјалните мрежи објави и дека се исплатени субвенциите за произведено и предадено винско грозје во регистрирани капацитети за производство на вино во исплатен износ 58.607.081,00 денари кон 4.101 корисник.
Освен лозарите, оваа недела и сточарите ги добија своите заостанати субвенции од 2023-тата година.
По медиумите беше објавено дека се исплатени 75.640.400 денари кон 1.609 корисници за предадено јагне и/или јаре во регистриран кланичен капацитет.
Но, исплатени беа и 180.220.914,00 денари кон 5.047 корисници за произведено и предадено кравјо, овчо и козјо млеко.
При самите објави министерот Трипуновски напиша дека се работи и сточарството да стане значајна гранка во Македонија.
Во петокот се постигна и договор преку кој, откупните цени за крупните сорти на ориз ќе изнесуваат 35 денари за рандман од 40 проценти и за ситните сорти 30 денари за рандман од 40 проценти.
Со тоа две илјади тони арпа ќе се откупат во наредните 30 дена. Министерот при средбата со откупувачите на ориз потенцираше дека мерката претставува гаранција за оризопроизводителите.