Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски денеска во општините Ново Село и Босилово отвори Подрачна единица и Подрачна канцеларија на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Како што ветив, го ставаме Министерството и неговите вработени во служба на земјоделците, институциите поблиску до граѓаните. Овие ПЕ и ПК на МЗШВ во општина Ново Село и општина Босилово ќе значи побрз и поедноставен начин за поднесување апликации, регистрации и информирање на земјоделците од овие две општини. – изјави Трипуновски.
Подрачната единица во Ново Село е отворена во 2014 година, но претходната власт од непознати причини истата ја стави вон функција за сега повторно да се реотвори и да биде во служба на земјоделците од оваа општина.
Изразувам благодарност до градоначалниците Ѓорѓе Божинов и Ристо Манчев за нивната соработка и обезбедените простории во склоп на општинските згради, продолжуваме и во наредниот период со отворање на ПК во руралните општини каде што досега немало канцеларии од овој тип. – дополни Трипуновски.