Македонија МЗШВ

Трипуновски откри скандал: Фирми земале субвенции од илјадници евра, а не плаќале закупнина и не го обработувале земјоделско земјиште

Министерот порача дека никој не смее и не може да биде над законот.

Трипуновски откри скандал: Фирми земале субвенции од илјадници евра, а не плаќале закупнина и не го обработувале земјоделско земјиште

Од денес повеќе нема ништо да биде исто. Започнуваме со објавување на сите сомнителни случаи и афери од претходното раководство на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Љупчо Николовски како тогашен министер. Народот покрај тоа што виде како работеше Николовски, денеска ќе има и прилика да слушне што се случувало во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство изминатите 7 години и како одредени правни лица надвор од сите процедури и прописи земале државни пари, вели министерот Цветан Трипуновски.

-Првиот случај кој што сакам да го објавам е за правното лице АРЕКСПОРТ ДООЕЛ Увоз – Извоз од Струмица. За нештата да бидат појасни во целост ќе ви ги објаснам постапките како преку Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се дозволило ова правно лице да земе противправно дури околу 30 милиони денари за субвенции. Имено, Министерството за периодот од 2019-та година до 2022 година со фирмата од Струмица има склучено вкупно 19 договори за вкупна површина од 1.416 хектари. По извршениот увид од страна на Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека за 11 договори со површина од 941 хектар не се почитуваат одредбите од Договорот од страна на закупецот и требало да бидат раскинати, рече тој.

При тоа врз основа на овие договори закупецот од Агенцијата за финансиска поддршка за земјоделството и руралниот развој остварил приход по основ на субвенции од 485.000 евра.

-Дополнително, закупецот требало преку бизнис план кој што го понудил до Министерството да инвестира над 2 милиони 450 илјади инвестиција на предметното земјиште, а во моментот на контрола од Државниот инспекторат за земјоделство е констатирано дека има инвестиција околу 300.000 евра. Исто така инспекторите констатирале дека закупецот нема платено закупнина за 2022 и 2023-та година, со што дополнително е направена штета на Буџетот во износ од 60.000 евра. Постапено е спротивно на член 8 и 8-а од Законот за земјоделско земјиште и воопшто не е евидентирано земјоделското земјиште кое не е обработувано по основ на склучените Договори и не се преземени никакви мерки за опомена, укажување или раскинување на Договорите. За да биде појасно на јавноста правниот субјект АРЕКСПОРТ од Струмица користел по Договор земјоделско земјиште, не плаќал закупнина за истото, не го обработувал, а спротивно од Законот користел субвенции од страна на државата со што оштетил директно Буџетот на Република Македонија. Токму поради тоа што МЗШВ во претходните години не реагирало на ваквото кршење на процедурите, се поставува прашањето дали свесно се дозволило ова правно лице да го оштети Буџетот на Македонија за повеќе од 2 милиони евра? – истакна министерот.

Вториот случај кој што го сподели со јавноста се однесува за правниот субјект ДЗС Илинден.

-Министерството на 05.10.2000 година има склучено Договор за закуп во времетрање од 30 години за површина од 1.604 хектари со наведениот закупец, додека на 03.07.2005 е потпишан Анекс со кој што површината се намалува на 1.067 хектари, за подоцна односно во 2010 година повторно да се склучува Анекс каде што му се намалува површината на 945 хектари државно земјоделско земјиште. Во 2019 година е поведен судски спор за неплатен закуп за 2017, 2018 и 2019 година, а месец септември 2021 година, по извршениот увид во списокот на должници од страна на Државниот инспекторат за земјоделство констатирано е дека закупецот не ги испочитувал обврските кои произлегуваат од Договорот за плаќање на закупнина и користење на државно земјоделско земјиштето, поради што се носи Изјава за еднострано раскинување на Договорот за закуп на земјоделското земјиште, која што е потврдена и со правосилна пресуда од Апелациониот суд – Скопје. Иако Изјавата за еднострано раскинување на Договорот за закуп била издадена на 28.09.2021 година, Министерството не го испочитувало членот 41-а став 5 од Законот за земјоделско земјиште и не доставило примерок од Изјавата за раскинување на Договорот за закуп, по електронски пат до Агенцијата за катастар на недвижности за бришење на прибележувањето на Договорот за закуп кој што го имал правниот субјект. Поради неизвршување на законските надлежности и обврски од страна на Министерството и да спроведе постапка најнапред за бришење од Единствениот регистер на земјоделски стопанства, и некоординација со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, се овозможило на закупецот и по раскинувањето на Договорот за закуп закупецот да може да продолжи да аплицира за субвенции. Односно Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството за период од 2021 до 2023, вкупно три години на закупецот му исплатила над 19 милиони денари по основ на субвенции, рече тој.

И по раскинување на Договорот се исплаќале субвенции на овој правен субјект.

-Со ова се отвора дилемата дали овие пропусти од страна на институциите се шема за испумпување на повеќе пари од државниот буџет? Воедно, спротивно на член 14-а од Закон за земјоделство и рурален развој, ДЗС Илинден не е евидентиран на листите за должници додека имал право да го користи договорот од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Исто така спротивно на член 15 од истиот Закон Министерството не го избришало Договорот за закуп од Единствениот регистер на земјоделски стопанства чија основна база е за поднесување на апликација за субвенции и овозможило закупецот неосновано да се стекне со над 19 милиони денари субвенции. Исто така Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството не направила контрола согласно член 48 од овој Закон и исплатила финансиски средства спротивно на одредбите од член 50, 51, 52 и 61, посочи Трипуновски.

Министерот порача дека никој не смее и не може да биде над законот.

-Ова се само два случаи поткрепени си цврсти докази кои потврдуваат дека системот и институциите се целосно разурнати, но и покажува едно недомаќинско и криминално работење од страна на претходното раководство на СДСМ и Николовски. Институциите мора да работат во служба на граѓаните и затоа го повикувам Јавното обвинителство веднаш да постапи и да истражи која била целта и зошто се дозволило овие два правни субјекти да добијат огромна сума на пари, државни пари, иако Министерството и другите надлежни институции требало навремено да реагираат. Овие се цврсти докази и индиции за сторен криминал и за таа цел до Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција ќе биде доставени соодветни пријави за понатамошна истрага и целосно расчистување на овие два случаи. Никој не смее и не може да биде над законот, рече тој.

To top