Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, во емисијата „Бизнис 21“, истакна дека системот функционира и дека нема заштитени лица, без разлика на нивната функција.
„Она што е важно е дека системот функционира, нема заштитени лица од позиција на функционери, секој кој што ќе го прекрши законот ќе одговара независно дали е од актуелната власт од било која позиција, така е и со овие два случаи“, нагласи министерот.
Тој направи споредба со минатото, посочувајќи дека тогашната власт, како што рече, се обидувала да заштитува и игнорира индиции за злоупотреби и криминал, додека денес, не е така.
Министерот додаде дека никој не е и нема да биде над законот, нагласувајќи дека законите мора да се почитуваат и секој што ќе се огреши треба да сноси одговорност.
„Би сакал да ги охрабрам сите граѓани независно дали се земјоделци, дали се бизнисмени, ако имаат индиции за злоупотреба и дејствување надвор од законот, веднаш да пријават и веднаш ќе се делува“, порача министерот Трипуновски.
Министерот нагласи дека не чувствува одговорност, единствено чувство што го има е дека треба законот да делува подеднакво за сите.
„Ваквите постапки на Владата каде што се бори против корупцијата, треба да се поздрави“, истакна тој.