Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски денеска во просториите на министерството оствари работна средба со Амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Република Македонија, Анџела Агелер.
На средбата министерот Трипуновски се заблагодари за севкупната поддршка на САД за македонското земјоделство, но истовремено побара поддршка за справување со пожарите со кои што се соочува Македонија деновиве. Преку НАТО механизмот за помош е испратено барање за помош, а во меѓувреме министерот информираше дека е пристигнат хеликоптер од Србија, обезбедени се две летала од Германија и едно летало од Чешка кое се очекува да пристигне вечерва.
Во текот на средбата се дискутираше за актуелните проблеми со кои што се соочуваат македонските земјоделци, и се спомена дека се зајакнува и положбата на жените во руралните области.
„Соединетите Американски Држави даваат поддршка со цел развој на македонското земјоделство и производство на храна, максимално да се искористат потенцијалите кои што ги поседува Македонија како високо квалитетната плодна почва, доволна количина на вода и големиот број на сончеви денови“, истакна Трипуновски.
На средбата беше потврден ставот дека земјоделството треба да се развива според светските стандарди и македонските земјоделци да добијат модерни и квалитетни услови за работа се со цел да се зголеми производството на храна, а со тоа и да се зголеми извозот на земјоделските производи.