Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски во вчерашната емисија „Трилинг“ на ТВ 24 истакна дека неговата обврска како министер е да го заштити земјоделецот во Македонија. Само преку разни мерки и програми истиот земјоделец ќе биде заштитен.
-За мене како министер па и за целата Влада успех ќе биде и работиме на тоа да земјоделецот се кажува со епитет. Покрај повозрасните, тука сакам да ги убедиме и помладите генерации да се занимаваат со оваа благородна професија. Производството на храна е многу важно во наредниот период, појасни тој.
Со мерките, истакна, имаат интенција да го зголемат бројот на земјоделци кој што е намален.
-Во таа категорија да внесеме и помлада генерација на производители, тоа би значело обновување на процесот на земјоделското производство, посочи министерот Трипуновски.
Трипуновски додаде дека за 100 дена не може Македонија од увозно зависна земја да стане неувозно зависна. Но, тој процес ќе се одвива во одреден временски период.
„Ние како Влада донесовме интервентна мерка за дополнителни три денари за килограм предадена пченица. Таа мерка е донесена се со цел да им помогнеме на земјоделците, сега бидејќи сме на прагот на есенската сеидба да им ги зголемиме површините за пченица. И тоа ќе значи поголем квантитет“, појасни тој.
-Работиме и на контролата на семенскиот материјал кој што се продава во државата, треба да биде согласно правилата и да нема злоупотреби. Работиме и на контролата на вештачките ѓубрива и работиме на мерки кои што ќе ги имплементираме веќе од 2025-та година. А, крајната цел ќе биде зголемена површина од оваа најбитна стратешка култура односно ќе имаме зголемено производство на пченица. И така го враќаме квантитетот кој што од друга страна ќе го намали увозот во земјата, истакна министерот.
Тој посочи дека се работи и на откуп за стоковите резерви на домашната пченица за да не се увезува од странство. Сите активности кои што ги презема Министерството се со цел да се намали увозот, а да се зголеми домашното производство.