Македонија

Трипуновски: Имаме рекордна откупна цена на тутунот

Трипуновски: Имаме рекордна откупна цена на тутунот

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски вели дека последната и претпоследната откупна сезона за тутунот се едни од најуспешните досега.

Во интервју за емисијата „Аграр“, Трипуновски посочува дека просечната цена на откупот е околу 420 денари.

– Сликата во минатото беше трактори на улиците, негодувања и откупни цени кои беа далеку под денешното ниво. Денес имаме откуп на тутун каде што согласно квалитетот се оди на прва класа без одбитоци. Просечната цена на досега откупените околу 21 милион килограм тутун изнесува 419,84 денари, нагласува министерот Трипуновски.

Потсетува дека во текот на оваа година тутунопроизводителите добиле и зелена нафта како мерка за стимулација и компензација на трошоците во производството, а во Програмата била вметната и мерка за површина, од 6.000 денари по хектар.

– Кога сè ќе се сумира, доаѓаме до износ од над 500 денари по килограм, што минатата година претставуваше рекордно достигнување, нагласува министерот.

Трипуновски најавува и дополнителни чекори за унапредување на секторот.

– По празниците ќе се работи на допрецизирање на одредени законски одредби во Законот за тутун и тутунски производи, со цел отстранување на недостатоците што ги воочивме во изминатиот период, вели Трипуновски.

Додава дека ќе биде формирана работна група во која ќе учествуваат претставници од Сојузот на тутунари и од кај откупувачите, со цел наредната откупна сезона да биде уште порегулирана и поуспешна.

Најнови вести од Македонија

To top