Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во рамки на посетата на Полициското одделение во Матејче ја отвори новата канцеларија на управните служби на МВР, која ќе овозможи побрз пристап на граѓаните од липковско до услугите на МВР .
Министерот Тошковски потенцираше дека отворањето на канцеларијата, втора по ред за само неколку дена, како дел од низа други кои ќе бидат отворени е со цел граѓаните да имаат побрз пристап до документите и услугите кои им се потребни.
„Денес овде во Матејче, во липковско отвораме нова канцеларија на управните служби на МВР која ќе биде составен дел од полициското одделение. Овој тип проекти кои се дизајнирани да овозможат подобра услуга и позадоволни граѓани, да можат да ги добијат своите услуги во рамки на општината во која живеат. До денес граѓаните на Општина Липково ова право можеа да го остварат во рамки на Општина Куманово а од денес ќе можат да си ги остварат своите права во рамки на својата општина, додека ќе дојде до намалување на гужвите во Општина Куманово.“, потенцираше министерот Тошковски.
Оваа, втора канцеларија за само неколку дена, претходната беше во Јегуновце, ќе овозможи пристап на над 25.000 граѓани од липковскиот регион побрзо вадење на личен документ и услуги кои ги нуди. Побрзиот и поефикасен пристап до услугите е поквалитетен живот за граѓаните, што е наша определба на новото раководство на МВР.