Македонија ќе најдеме начин како да ја релаксираме атмосферата

Тошковски: Ќе сторам се да ја релаксирам атмосферата во делот на поднесување и подигање на патните исправи

Максималниот капацитет, според првичните информации со кои располага новиот министер за внатрешни работи, е 50 000 пасоши за еден месец, а до овој момент се издадени еден милион и 200 илјади со новото име од вкупно околу два милиона и 500 илјади, колку што треба да се заменат. И ова е најголемиот проблем, вели Панче Тошковски во интервјуто за „360 степени“ на МРТ 1.

Тошковски: Ќе сторам се да ја релаксирам атмосферата во делот на поднесување и подигање на патните исправи

360°: Една од темите што најмногу ги засега граѓаните е замената на личните документи. Се наближува 12 февруари кога истекува петгодишниот рок според договорот од Преспа, меѓународен договор ратификуван во нашето Собрание, во кој требаше да бидат заменети личните документи и сите да имаме нови – со новото уставно име. Дали размислувате за измени на законот особено за патни исправи бидејќи тоа е најгорливото прашање со пасошите?

Тошковски: Токму на ова прашање се виде капацитетот на претходната влада, токму на ова прашање се виде нивната неспособност, се виде нивното неработење, јасно му е народот колку направиле и што постигнале во овој сегмент. Ќе сторам се да ја релаксирам атмосферата во делот на поднесување на барање и подигање на патните исправи, ќе сторам се за граѓаните да се чуствуваат достоинствено во овој процес којшто треба да е најнормален, а е најненормален од денешен аспект. Тимот на луѓе со кои ќе работам и од првиот момент на моето номинирање најмногу го имам консултирано и внимание имам посветено, особено на ова прашање од организациски аспект. Ќе направиме се за да го релаксираме процесот и ќе направиме се за граѓаните на Република Македонија да не останат заробени после 12 февруари.

360°: Имате ли информација колку точно државјани на Македонија имаат пасош со новото уставно име?

Тошковски: По оние информации што ги имам, за коишто не можам да тврдам со сигурност дека се точни, поради тоа што официјално допрва би требало да ги добијам, околу еден милион и 200 илјади пасоши се издадени со новото име. Ако имаме некаде два и пол милиони пасоши, уште околу толку значи треба да бидат издадени во наредниот период. Физички е невозможно да бидат издадени сите тие и физички е невозможно она што Министерството е должно да го направи спрема граѓаните да го направи во една нормална атмосфера. Тоа е последница на сето она што го наследив, но моја работа и моја обврска е тој процес, пак ќе речам, да се реши и ве уверувам дека ќе најдеме начин како да ја релаксираме атмосферата од организациски аспект. Белким Министерството ќе може да обезбеди повеќе простори каде што ќе може луѓето да ги подигнат, ќе може подобро да се организираме внатрешно – од аспект на сликање. Најголемиот проблем е самото печатање и издавање на пасошите, значи печатењето, производството на пасошите е најголемиот проблем.

360°: Колкав е дневниот капацитет, знаете?

Тошковски: Пак ќе речам – не можам да гарантирам, по мои информации некаде, со максимално залагање, со две до три смени работа во текот на едно деноноќие, 50 000 пасоши може да бидат произведени во месецот. Со максимално ангажирање на сите капацитети.

360°: Пред неколку дена од МВР стигна најава дека личните карти и возачките дозволи ќе се доставуваат до домашните адреси на граѓаните, се споменуваше пошта – дали сте запознаен со таа информација?

Тошковски: Не, не.

360°: Дали ви се чини тоа рационален пристап?

Тошковски: Се што ќе го поедностави процесот на достава во рамки на закон би го прифатил како техничко решение.

360°: Не стануваше збор за пасошите тука за личните карти и за возачките дозволи.

Тошковски: Се што е во рамки на закон и коешто ќе поедностави постапка, ќе го прифатам како решение, за брзо време ќе можам да одговорам и поконкретно на ова прашање.

360°: Ако е Македонска пошта во прашање и тие немаат некој голем капацитет – да не се претвори процесот во ново фијаско?

Тошковски: Тука има многу проблеми од аспект на заштита на лични податоци, како ќе се спроведе целокупниот овој процес, не би сакале дополнителни проблеми да отвориме.

Најнови вести од Македонија

To top