Досега се утврдени повеќе од 20 повредени малолетни лица и три починати малолетници.
-Во дискотеката имало околу 500 лица, а некаде околу 250 продадени карти. Имињата на починатите, по завршување на идентификација ќе бидат доставени до семејствата. Идентификувани е најголем број од жртвите. Сите тела кои беа во рамки на кривично-правниот настан се извадени од лице место. Во критична состојба имаме 22 лица и дел од нив ќе бидат пренесени во Турција, Бугарија, Грција и истите ќе добијат соодветен третман. Денес Македонија плаче, ама одговорност ќе има за секој еден од корумпираните, неодговорните и секој еден кој има директно или посредно влијание за настанување на овој настан, порача министерот Панче Тошковски.
Досега се вкупно починати 59 лица.
МВР во координација со Јавното обвинителство до овој момент, во врска со трагедијата во Кочани, има осомничено повеќе од 20 лица. Околу 15 лица се во полициска станица, дел од осомничените за предизвикување на овој кривично-правен настан се починати, дел се во болница, информира министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
-Четири осомничени лица се во болница. Два члена на бендот, син на сопственик на дискотека и управител на правното лице кое ја менаџира дискотеката. Дел од приведените лица кои моментално се во полициска станица се луѓе кои имаат директна вина, согласно доказите кои ги имаме до сега. Приведено е едно лице кое е организатор на настанот и за кое имаме сомнение дека е еден од оние кои имаат директна вина, рече Тошковски.
Приведени се поранешен државен секретар на Министерство за економија, раководител на сектор во Министерство за економија, приведен е и поранешен директор на Дирекција за заштита и спасување и тројца вработени во Дирекцијата.