Македонија Министерство за внатрешни работи

Тошковски: Безбедноста на нашите дечиња е наша заедничка обврска, затоа што тие се нашето најголемо богатство

Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.

Тошковски: Безбедноста на нашите дечиња е наша заедничка обврска, затоа што тие се нашето најголемо богатство

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска присуствуваше на интерактивната куклена претстава што се одржа во Дом на култура „Билјана Белочанец“ во општина Кисела Вода, во организација на Републички совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Театар Провокација, како дел од кампањата „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.

Претставата, наменета за учениците од основното училиште од општината, им овозможи на децата преку интерактивен и едукативен пристап да се запознаат со основните правила за безбедно однесување во сообраќајот, безбедниот пат од и до училиште, како и со значењето на внимателноста и одговорноста во улога на пешаци и велосипедисти.

Министерот Тошковски потенцираше дека едукацијата на најмладите претставува еден од најважните сегменти во градењето сообраќајна култура и во заштитата на човечките животи.

„Безбедноста на децата е наш врвен приоритет. Преку вакви активности, кои на децата им се блиски и разбирливи, создаваме генерации што ќе ги почитуваат сообраќајните правила и ќе придонесуваат за побезбедни патишта. Министерството за внатрешни работи ќе продолжи активно да ги поддржува и да учествува во сите проекти насочени кон подигнување на свеста за сообраќајната безбедност“, истакна министерот Тошковски.

Министерството за внатрешни работи и во иднина ќе продолжи со активности и кампањи насочени кон едукација на децата и младите како една од најранливите категории учесници во сообраќајот, со цел создавање побезбедна сообраќајна средина за сите граѓани.

Најнови вести од Македонија

To top