Македонија Инклузија

Томовски: Државата не помага доволно за лицата со попреченост, ВМРО-ДПМНЕ има план со кој Македонија ќе ја направи подостојно место за живеење за овие лица

Инклузијата подразбира сериозен пристап, едуциран наставен кадар што е основно и базично за да може да ги обучува овие лица, и материјални средства.

Томовски: Државата не помага доволно за лицата со попреченост, ВМРО-ДПМНЕ има план со кој Македонија ќе ја направи подостојно место за живеење за овие лица

Кога станува збор за општините и те како истите мака мачат и со простор и со финансии и не можат да се обезбедат ниту велосипедски патеки, камоли да направат некаква отстапка во делот да направат патеки за лицата со инвалидност, односно лица со инвалидски колички да може да се движат самостојно и слободно. Во тој дел мислам дека државата треба да се вклучи малку посериозно и да ги помогне сите општини во Македонија, рече членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Ивица Томовски, говорејќи за реалните пречки со кои се соочуваат лицата со предизвици на денешната дебата насловена „Во Македонија мора да има достоинствено место за лицата со предизвици“ која е во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“, која се одржа во Македонски Брод.

Томовски додаде дека и градот Струга од којшто доаѓа како туристичко место мора да има патеки за овие лица, но во оваа насока покрај тоа што државата треба да помогне треба и граѓаните да имаат лична култура и да не се паркираат автомобили на ваквите патеки

„Кога станува збор за Струга, Струга треба и мора да обезбеди такви патеки затоа што е туристичко место, но како што кажав треба малце помош и од самата држава. Кај нас се зборува за инклузивност, помош меѓутоа првенствено треба државата да помогне и второ треба да имаме и лична култура, затоа што на самите патеки коишто ги спомнавме имаме паркирани автомобили, немаме рампи и ред други препреки“, рече Томовски.

За тоа колку медиумите и другите компании ја исполнуваат својата општествена одговорна функција за лицата со попреченост, Томовски истакна дека медиумите со закон се обврзани и треба да им овозможат на овие лица програми со нарација за лицата со оштетен вид и знаковен јазик за лицата со оштетен слух.

„Медиумите и според закон би требало да ги исполнуваат овие функции, односно конкретно радијата требало да имаат поголеми програми со нарација, опис, радио драми и слични програми, додека телевизиите и дигитализацијата на телевизиите треба да овозможат поддршка и помош за знаковен јазик за лицата со оштетен слух“, истакна Томовски.

Тој исто така додаде дека ВМРО-ДПМНЕ како идна влада има план со кој ќе им излезе во пресрет на лицата со попреченост и Македонија ќе ја направи подостојно место за истите.

„Треба Македонија да ја направиме подостојно и попристојно место за живеење за лицата со попреченост и инвалидитет и истото планираме да го направиме во три чекори. Првиот чекор е преку директна поддршка и помош на лицата со попреченост и инвалидитет и нивните семејства. Вториот чекор е преку директно вработување на лицата со попреченост и инвалидитет и нивните семејства, а третиот и воедно еден од најважните чекори е инклузија на лицата со попреченост во образовниот систем“, подвлече Томовски и додаде:

„Би се осврнал на првиот чекор, односно директна помош и поддршка на лицата со попреченост и инвалидитет. Ние како ВМРО-ДПМНЕ планираме тоа да го направиме преку засилена поддршка и помош на овие лица, преку вработување на истите, нив и на нивните семејства со претходна адаптација на работните места, преку директна социјална помош и поддршка на овие лица и третото преку инфраструктурно доближување кон државните институции. Вториот чекор, односно вработувањето, овие лица мора да бидат на пазарот на трудот и тоа планираме да го направиме преку стимулација на приватните компании коишто ќе вработуваат лица со попреченост и инвалидитет, а воедно врз основ на тоа комплетна адаптација на работните места кои што им следат на овие лица. Третиот чекор е образованието, односно целосна вклученост на овие лица во образованиот процес. Образованието е основно човеково право и како и ние така и овие лица го заслужуваат да го добијат истото. Инклузијата подразбира сериозен пристап, едуциран наставен кадар што е основно и базично за да може да ги обучува овие лица, и материјални средства“.

To top