Македонија Интервјуа Интервју

Токсикологија прераснува во Ургентен интернистички центар: КУРИР интервју со Чибишев за скандалите, загадувањето, важни совети

Кога дојдовме во објектот на клиниката наидовме на затворена врата со натпис „СЕ РЕНОВИРА“. Директорот открива дека не станува збор за обично реновирање туку дека универзитетската клиника прераснува во Ургентен интернистички центар со токсикологија.

Токсикологија прераснува во Ургентен интернистички центар: КУРИР интервју со Чибишев за скандалите, загадувањето, важни совети

Изминативе години за клиниката за Токсикологија повеќе слушавме за скандали отколку за работа. Тоа сега се променува и од таму доаѓаат убави вести.

Со директорот на клиниката, Андон Чибишев разговаравме за сите планови, загадувањето, владините мерки, но од него слушнавме и важни совети со кои ќе спречиме животозагрозувачки состојби.

Пред сè го прашавме во каква состојба ја наследи директорската функција на клиниката и веднаш беше обелоденет голем скандал.

-Во 7 години од промената на власта во 2017-та година, на клиниката се сменија повеќе директори, четворица. Често се менуваа директори кои што ја раководеа клиниката онака како што тие, верувам, мислеа дека е најдобро. Меѓутоа, со завршување на парламентарните избори, со формирањето на новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери, се направија промени во раководните структури во многу здравствени институции, па и тука и јас од некаде крајот на јуни, почетокот на јули 2024-та година повторно ја превземав одговорноста да ја раководам оваа клиника. Моето искуство ми зборуваше дека треба што побрзо да проверам што затекнувам и со што ќе се соочам на почетокот за да почнеме да работиме сериозно и одговорно. Направивме попис, вонреден попис на сите нивоа, вклучувајќи ја и болничката аптека и побаравме вонредна контрола на работата на клиниката во последните 4 години, од контролата во ФЗОМ. Ни беше прифатено барањето и дојдоа инспектори двајца од Фондот кои што правеа овде контрола. Во пописот констатиравме низа на неправилности. Тоа што е вредно да го пренесеме во јавноста е тоа дека затекнавме голема количина на скапи лекови кои што имаа изминат рок. Што е тука карактеристично? Лековите се заведени како донација и замислете, нашата клиника која е една од помалите клиники, има добиено донација од 3.000 кутии на таблети Сумамед, кој е антибиотик прилично ефикасен, меѓутоа и скап, со рок од нешто повеќе од еден месец. Па јас сега се прашувам дали 3000 кутии институцијава може да ги потроши за помалку од еден месец. Секако дека не може, меѓутоа што е тука спорно? Зошто се примени лековите? Свесно се примени за да не можат да се потрошат, да им помине рокот и тие да станат неупотребливи и потоа во некоја постапка која воопшто не е наивна, многу е комплицирана и прилично е скапа, ќе го оптовари буџетот на клиниката, тие треба да се уништат на депонија. Направивме пресметка колку тие лекови ја чинат државата Република Македонија, ја чинат некаде 18.000 евра.Тие што останаа неупотребени. Ние, чинам, минатата недела под контрола на надлежните институции ги уништивме на Дрисла. Покрај нив имаше и лекови други, во помали количини и уште еден лек кој ние го користиме како супститут кај третман на зависници од дрога, бупренорфин, исто имаше поголема количина. Од необјаснети причини е оставен да му помине рокот. И тој имаше некаде количина која чинеше, по цените на пазарот кои важат, околу 4.500 евра. Сето тоа кога ќе го собереме 23.000 евра беше вкупната штета од лекови со поминат рок кои се неупотребливи. Не само за државата, туку и за клиникава наша, реков дека е една од помалите, тоа е голема сума на пари со која ние сме можеле да решиме одредени проблеми, одредени недостатоци кои ги имаме на клиниката и сметам дека е важно тоа јавноста да го чуе дека не сакам да кажам дека неодговорно се однесувале меѓутоа само по себе се наметнува тоа размислување дека неодговорно е оставено да помине рокот на лековите или е земена количина на лекови која знаеле дека не може да се потроши и знаеле дека ќе им помине рокот и ќе биде уништена. Тоа е несериозно, неодговорно и непрофесионално однесување.

Кога дојдовме во објектот на клиниката наидовме на затворена врата со натпис „СЕ РЕНОВИРА“. Директорот открива дека не станува збор за обично реновирање туку дека универзитетската клиника прераснува во Ургентен интернистички центар со токсикологија.

-Клиниката се реновира веќе еден месец и за временски период од некои 6 месеци Универзитетската клиника за Токсикологија ќе прерасне во Ургентен интернистички центар со Токсикологија. Ние до пред година и нешто бевме Клиника за токсикологија меѓутоа според една одредба во статутот на клиниката згрижувавме и пациенти кои спаѓаат во делот на ургентна интерна медицина. Значи сите пациенти кои влегуваа низ капија, а имаа потреба од ургентен интернистички третман беа згрижувани на нашата клиника. Пред година ипол се донесе некаква одлука на ниво на Влада, на МЗ дека оваа клиника треба да се реновира. Две општествено одговорни компании Алкалоид и Комерцијална банка дадоа донација од некои 450.000 евра со кои пари клиниката треба во добар дел да се реновира и да се реконструира. Да се смени составот на некои простории, односно распоредот, да се набави одредена опрема за да може квалитетно да се пружа здравствена заштита во делот на ургентната интерна медицина. Сега во моментов се работи едниот дел каде што ќе биде интензивната нега и каде што ќе биде делот за опсервација и третман на ургентни пациенти и соодветна тријажа до други клиники. Што е целта? Целта е да престане шетањето на пациентите од клиника на клиника додека ние да се договориме чиј е пациентот. Во овој случај, сите пациенти кои ќе влегуваат низ капијата во клинички центар ќе завршуваат овде, во делот интерна медицина зборувам, Хирургија си има посебен ургентен центар. Тука ќе има екипи кои ќе бидат обучени, едуцирани за тоа, ќе ги прифаќаат, ќе ги опсервираат, ќе ги иследуваат, се што треба  ќе им се направи од лаборатории и клинички иследувања, ќе им се даде потребната терапија, ќе се задржат 6 до 24 часа за да се стабилизираат и да се постави некаква работна дијагноза и после тоа ќе бидат трансферирани на клиниките каде што треба да лежат, да бидат хоспитализирани или ќе бидат испратени дома ако состојбата дозволува за тоа. Значи капитален проект, еден од најголемите проекти кои што државата Република Македонија – Владата и Министерството за здравство ги реализираат во 2024-та година, кој ќе донесе огромен бенефит и за државата и за пациентите и воопшто за здравството.

За време на реновирањето, клиниката си функционира и пациентите не треба да се грижат.

-Апсолутно. Се реорганизиравме. Направивме малку во отежнати услови работиме затоа што сме ограничени со простор и работиме во моментов само клиничка токсикологија. Немаме простор да работиме ургентно интерна. Користам прилика да им се заблагодарам на останатите интерни клиники кои сега ги превземаа ургентните пациенти додека ние да завршиме со реновирањето, со сите активности кои што Центарот ќе го доведат во функционална состојба, а потоа ние си ги преземаме сите ургентни состојби и ќе бидат згрижувани кај нас.

Темата која ги засега, а оправдано и загрижува сите граѓани е загадувањето на воздухот. Додека читаме како Македонија се гуши, а скопјани дишат отров, можеби и не сме навистина свесни – Колку точно е штетно тоа што ние дишеме таков воздух?

Курир

-Загадувањето е далеку над референтните вредности кои ги има воспоставено СЗО и граѓаните се изложени на екстремно загаден амбиентален воздух. Вториот дел од проблемот е што ништо не се превзема за таа состојба да се санира. Секако дека ние тоа не можеме да го санираме за неколку месеци, тоа е процес кој можеби ќе трае со години, Меѓутоа, сега сум максимално охрабрен затоа што сум во контакт со некои од владините институции. Затоа што Владата има изготвено акциски план со кој што ќе почнат некои активности кои ќе бидат насочени кон активности кои ќе се превземаат во полза на расчистување на амбиенталниот воздух. Стојам на располагање со целото мое искуство, со моето знаење, да помогнам во процесот. Давам препораки и совети на граѓаните, на институции како ние сега да се заштитиме додека целиот тој процес не почне со полна пареа да работи и не почнат сите активности кои Владата ги има предвидено….

Во интервјуто за КУРИР, Чибишев детално одговори за опасноста од загадениот воздух, а тоа можете да го слушнете во видеото.

Чибишев секоја година, во овој период испраќа искрени совети и препораки до граѓаните да внимаваат со алкохолот, храната… Посебно е загрижувачко што малолетници секоја нова година завршуваат на Токсикологија поради тоа што го консумирале.

Апел од него и сега –  до децата, нивните родители, останатите граѓани – не зборуваме за наивни последици од пијанство, говориме за животозагрозувачки состојби.

-Покрај алкохолот се злоупотребуваат и лекови, медикаменти и опојни дроги. Што е уште потрагично и поопасно, се злоупотребуваат заедно со алкохол. Што е кај некои случаи фатална комбинација која може многу сериозно да го наруши здравјето. Посебно ако алкохолот се конзумира со седативи односно со лекови кои се прилично злоупотребувани во Македонија, тоа се Диезепам, Лексилиум, Хелекс. Има такви што употребуваат алкохол со опојни дроги, со опијати, што е страшно опасна комбинација. Не сакам да кажам смртоносна, меѓутоа е животозагрозувачка… За храната, сите сакаме да јадеме многу. Македонската традиција вели за празници полна трпеза, многу јадење, многу пиење алкохол, храната наша изобилува со животински маснотии, кои можат сериозни проблеми да ни направат ако сето тоа го комбинираме и со алкохол. Ние најмногу се плашиме од состојби како што се акутно воспаление на панкреасот што се јавува во сите возрасти. Кај состојби каде што има внесување на голема количина на храна која содржи животински маснотии и алкохол во комбинација…

Целото интервју со директорот Чибишев, можете да го погледнете во видеото погоре.

 

Најнови вести од Македонија Интервјуа

To top