Денес, претставници на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, потпретседателката Гордана Димитриеска Кочоска, членот на ИК, Маја Кадиевска Војновиќ и Трајко Славески присуствуваа на заедничка средба во Американската Стопанска комора на Македонија – AmCham, со останати претставници на политичките партии.
-Со задоволство може да констатираме дека клучните препораки за политиките во периодот од 2024-2028 година коишто беа преставени од страна на претставниците на AmCham се целосно содржани во Програмата #1198 на ВМРО-ДПМНЕ. Главната цел на нашата политичка програма е постигнување на повисок животен стандард на граѓаните во Република Македонија. За да се постигне ова, претставниците од ВМРО-ДПМНЕ истакнаа дека се потребни силни системски промени и се надеваат дека ќе се обезбеди национален консензус во економските политики со останатите политички партии, коишто би останале во опозиција. Исто така, беше истакнато дека дијалогот со AmCham и со останатите стопански комори и здруженија во Македонија ќе биде значаен за ВМРО-ДПМНЕ, а воедно ќе се очекува силна вклученост на претставниците од коморите во трансформирањето на македонската економијата, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Стабилните јавни финансии, борбата со сивата економија, создавањето на услови за поголема конкурентност, инвестиции и иновации на приватниот сектор, јавни инвестиции во подобрување на транспортната и енергетската инфраструктура, одржување на предвидливо даночно и регулаторно опкружување, според најдобрите ЕУ практики и директиви, се едни од главните столбови на нашата програма, коишто во најголем дел беа опфатени и од страна на претставниците на AmCham. Градењето на силни институции, беспрекорна борба со корупцијата, ефикасно владеење на правото, дигитализацијата на јавните услуги, професионализацијата на јавната администрација се нашите големи заложби за подобра бизнис околина, и за поефикасни и достапни услуги за сите граѓани. Свесни за климатските промени и потребата за заштита на животната околина, Програмата #1198 содржи мерки за зелена транзиција и зголемување на енергетската ефикасноста на ниво на држава. Ваквите заложби се во линија на препораките на AmCham, велат од партијата.
Како главен проблем на нашата денешница, покрај негативните демографски промени т.е ниската стапка на наталитет, иселувањето на младите и на работоспособно население, е и ниската продуктивност на трудот во Македонија – тема којашто беше опфатена во денешните разговори.
-Во таа насока, голем дел од мерките во Програмата #1198 на ВМРО-ДПМНЕ се насочени кон развој на човечкиот капитал, почнувајќи од најмладите во градинките, па се до студентите. Наредната влада на ВМРО-ДПМНЕ ќе спроведе длабоки и суштински реформи во образовниот процес којшто треба да биде насочен кон новото време. Во рамки на програмата имаме мерки за воведување на СТЕМ образование, за финансиска едукација и стекнување на дигитални вештини уште од најраните години на населението, како и за преквалификација и доквалификација, за создавање на соодветни вештини на повозрасните кои се потребни на пазарот на труд. И за крај, големи напори ќе вложиме за зацврстување на здравствениот систем, едно од барањата на претставниците на AmCham, којшто тековно беше оценет како неефикасен и нетранспарентен, информираат од ВМРО-ДПМНЕ.