Кандидатот за градоначалник на општина Дојран од коалиција „ТВОЈА МАКЕДОНИЈА“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Тентов се обрати на мини митинг пред сограѓаните во пресрет на вториот круг локални избори 2025.
-Вечерашниов собир е повеќе од само уште еден митинг, вечерва сме заедно како луѓе што веруваат во својата општина, во својата иднина, во својот Дојран. Во првиот круг покажавме дека победата е можна и страсно посакувана. Со срце, со воља, со храброст победивме, рече Тентов.
Тој истакна дека победиле со повеќе од 90 гласови, но тоа не е само бројка туку гласот на народот.
-Затоа сум горд и со иста верба и решеност и со уште поголема љубов кон нашата општина. Дојран е скапоценост на Македонија и таа скапоценост мора повторно да биде препознаена, ни треба развој, визија ни треба обединување, а тоа може да го направиме само заедно. Вечерва со нас е и човекот кој верува во Дојран, кој верува во иднината на секоја наша општина, премиерот Христијан Мицкоски, рече Тентов.
Тој му се заблагодари на премиерот за поддршката и за тоа што стои зад жителите на општина Дојран.
-Оваа поддршка значи едно дека централната и локалната власт ќе работата рамо до рамо за Дојран, потенцира Тентов
Тентов истакна дека со поддршката од Владата, во Дојран ќе се реализираат проекти кои ќе го подобрат животот на граѓаните.
„На 2 ноември гласате за иднината на вашите деца, за нашето вековно езеро, за урбанизиран Дојран, почисти улици, подобар туризам, за поголеми инвестиции, за вистинска шанса младите да останат овде, во својот дом“ рече Тентов.
Тентов ги повика граѓаните обединето да излезат на гласање и да го заокружат бројот 9, да го направат вистинскиот избор за сигурна иднина и развој на Дојран.
„Време е да ја потврдиме победата, време е да покажеме дека Дојран стои цврсто, обединет и достоинствен. Време е да ја заокружиме промената што ја започнавме. На 2 ноември да излеземе масовно, да ја подигнеме главата гордо и да гласаме за бројот 9. За работа, за сигурност, чесност и достоинство, за иднина. Да гласаме за Дојран што ќе блесне како никогаш досега“, истакна Тентов.