Министерот за здравство Арбен Таравари смета дека ќе биде неуспешна интерпелацијата за работата на претседателот на Собранието Африм Гаши, поднесена од политичката партија Левица, но вели дека сепак ќе биде можност за опозицијата да прави спектакл.
-По тоа што слушам не верувам дека ќе помине. Поголемите партии коишто се коалициски, тие што се во Владата, во мнозинството нема да ја изгласаат. Ќе биде неуспешна, меѓутоа ќе има шанса за спектакл од тие што се во опозиција, рече Таравари во одговор на новинарско прашање по увидот во градежните работи на првиот социјален клуб за адолесценти и возрасни со аутистичен спектар во Ѓорче Петров заедно со бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов и градоначалникот на општина Ѓорче Петров Александар Стојкоски.
Пленараната седница за интерпелација претседателот на Собранието Африм Гаши е закажана за 3 септември. Минатата недела премиерот Христијан Мицкоски изјави дека тие нема да ја поддржат интерпелацијата. Денеска лидерот на СДСМ Венко Филипче кажа дека во текот на неделата ќе има координација со пратениците во врска со ова прашање, но смета дека ВМРО-ДПМНЕ треба да го повлече Гаши после сите скандали.