Македонија

Столтенберг: НАТО ќе направи се што е потребно за да гарантира стабилност на Западниот Балкан

Столтенберг: НАТО ќе направи се што е потребно за да гарантира стабилност на Западниот Балкан

Безбедносните прашања, пред се случувањата на Блискиот Исток и Украина ќе бидат главни теми на дводневната средба на министрите за надворешни работи на НАТО во Брисел, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг пред почетокот на состанокот, додавајќи дека покрај за овие прашања ќе стане збор и за глобалните предизвици на Пактот, првенствено поврзани со Кина, членството на Шведска, како и состојбите на Западниот Балкан.

– Неодамна се вратив од посета на регионот на Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Северна Македонија и се сретнав со лидерите од регионот. Тоа што го гледаме таму е дека тензиите се зголемуваат, подбуцнувачка реторика во БиХ, сериозни инциденти на насилство во Косово, вклучитено и напад врз мировниците на НАТО, при што беа ранети војници на НАТО, некои од нив сериозно, како и инцидентот во Бањска, при што беа убиени три лица, изјави Столтенберг.

Според него, како што јави дописникот на МИА од Брисел, ова претставуваат сериозни инциденти и НАТО мора да остане фокусиран на Западниот Балкан.

– НАТО ќе направи се што е потребно да одржи и да гарантира стабилност на регионот, бидејќи тоа не е важно само за Западниот Балкан, туку и за цела Европа и НАТО. Ние сме приутни таму, работиме со силите на ЕУ во Босна и Херцеговина и имаме присуство во Косово и во сенка на зголемените тензии испративме 1.000 дополнителни војници. Ќе продолжиме да работиме со сојузниците и партнерите во регионот за да превенираме ескалација, порача Столтенберг.

Тој го поздави продолжувањето на хуманитраната пауза во конфликтот на Блискиот Исток, нагласувајќи дека тоа ќе овозможи многу потребното олеснување на луѓето од Газа, ослободување на уште заложници, како и дистрибуција на хуманитарна помош.

– Исто така ќе се осврнеме и на ситуацијата во Украина каде гледаме интензивирање на судирите и бура на напади со дронови врз украинските градови. Тоа ја прави уште поголема потребата за наша поддршка на Украина, нагласи Столтенберг.

Тој ги поздрави најавита за помош за Украина од страна на Германија во износ од осум милијарди евра и од Холандија од две милијарди евра, воспставувањето на центар за обука на украинските пилоти за управување со авионите Ф-16 во Романија, испраќањето на дополнителна противвоздушна одбрана и формирањето на Коалицијата за воздушна одбрана за Украина од страна на 20 членки на Алијансата.

Столтенберг нагласи дека министрите на состанокот ќе ја потврдат долгорочната поддршка на НАТО за Украина, најавувајќи дека на утрешното прво заседание на Советот НАТО-Украина на ниво на министри за надворешни работи ќе учествува и шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба.

Тој нагласи дека и покрај некои предвидувања на почетокот на агресија на Русија врз Украина дека руските сили за неколку недели ќе бидат во Киев, тоа не се случи туку напротив украинските сили ослободија половина од окупираната територија на почетокот на инвиизјата.

– Наша обврска е да и го обебзедиме на Украина оружјето што и е потребно. Ќе биде трагедија за Украинците ако победи (рускиот) претседател (Владимир) Путин, но и тоа ќе претставува опасност за сите нас. Ќе им се испрати порака до авторитарните лидери, не само во Москва, туку и во Пекинг, дека со прекршување на меѓународното право, може да нападнете друга земја и со употреба на сила да го добите она што го сакате, рече Столтенберг, додавајќи дека затоа САД и сите сојузници од НАТО мора да продолжат со поддршката за Киев.

Во однос на шведското членство во НАТО, Столтенберг истакна дека се надевал оти на овој состанок Шведска ќе стане полноправна членка на НАТО, но дека тоа не се случи, но го поздрави започнувањето на процесот на ратификација на протоколот за прием на Стокхолм во турскиот Парламент и изрази надеж дека тој ќе заврши што е можно побрзо

– Ќе биде добро за сите нас, за Шведска, за НАТО, за Турција, доколку ја имаме Шведска како полоправна членка, додаде Столтенберг.

Генералниот секретар на НАТО нагласи дека Анкара има легитимни безбедносни грижи поврзани со тероризмот, потсетувајќи дека Курдската работничка партија (ПКК) не прогласена за терористичка организација само во Турција, туку и во други земји, па затоа сојузниците мора да работат заедно на отстранување на таа сериозна турска загриженост.

Земјава на министерскиот состаанок ја претставува министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Најнови вести од Македонија

Теми на денот

To top