„Како жена која по втор пат ја предводи листата во ИЕ 6, како припадничка на пол кој многу добро знае што значи болка, товар и неправда, кој знае да се справи со секое изненадување и кој знае да плаче од среќа, но и да се смее кога е најтешко, во мое име, во име на сите жени и во име на мојата изборна единица, изразувам огромна почит за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, затоа што се нафати, работеше напорно, издржа и докажа дека е возможно да се изоди тежок, долг и трнлив пат, ако целта уште од почетокот била една и единствена и немало менување и потклекнување, туку само упорност, аргументираност и работа. Претседателе Мицкоски, патот го изодивме заедно со вас. Нашата цел е: Македонија повторно твоја. Македонија – повторно горда“, истакна Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и носител на изборната единица 6 на денешниот настан.
Стојаноска порача дека време за одмор нема.
„Целта ни е близу, но, како велите Вие, играме германски фудбал, а тоа значи, ако до 90-тата минута водиме со 4:1, во 92-та да го постигнеме и петтиот гол. Мотивирани сме силно, го чувствуваме расположението на народот и свесни сме дека победата на следните избори е неизбежна, но историски е битен токму петтиот гол. Него ќе го постигнеме заедно со сите наши поддржувачи, членови, коалициони партнери, со сите изневерени и гневни гласачи за СДСМ и ДУИ“, истакна Стојаноска.
Таа додаде дека оние кои се’ уште се колебаат или сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ секако победува, па не мора токму тие да излезат и да го дадат својот глас, треба да знаат дека овојпат седењето дома значи поддршка на досегашните и дека гласот значи имање став, испраќање порака и влог во иднината.
„Затоа, ги повикувам и нив, да излезат и да го дадат својот глас за своја, за твоја Македонија. Овојпат, ПРОМЕНИТЕ СЕ ВО ТВОИ РАЦЕ“, повика Стојаноска.
-Сакам да им порачам нешто и на оние кои велат: „Сите сте исти. Нема спас ни со ВМРО-ДПМНЕ“. Ова ВМРО-ДПМНЕ ги увиде сите грешки и ги извлече поуките. Ова ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Мицкоски, 7 години наназад го носеше токму тој товар. Ова ВМРО-ДПМНЕ нема да заштити ниту еден кој ќе се огреши пред законите и Уставот. Ова ВМРО-ДПМНЕ ветува бескомпромисна борба со криминалот и корупцијата. Ова ВМРО-ДПМНЕ подаде рака на сите. Ова ВМРО-ДПМНЕ остана достоинствено на своите ставови и ветувања. Ова ВМРО-ДПМНЕ понуди една нова генерација на градоначалници. Градоначалници кои деноноќно работат изминативе две и пол години. Градоначалници кои ги извадија нивните општини од долговите во кои ги затекнаа. Градоначалници кои имаат реализација на ветеното близу 100 проценти. Градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата за своите граѓани, за својата општина и за својата Македонија. Мојата длабока почит и кон вас, порача таа.
Стојаноска посочи дека ВМРО-ДПМНЕ понуди 5 имиња за актуелната техничка Влада кои покажаа и докажаа дека може институциите да профункционираат, да бидат достапни за граѓаните и за медиумите. Пет имиња кои го обелија образот и кои сработија за месец и половина, повеќе отколку што шест и пол години сработија министрите од Владите на Заев, Ковачевски и Ахмети. Секоја чест и за Панче, Ѓоко, Елена, Стефан и Цветан.
„Конечно, ова е единствената пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која, како што влезе, така и излегува од Собрание. Како по број, така и по компактност, единство и непокор. Мои колеги и колешки, еднаш кажав, денес ми е чест да повторам: Вие сте новите херои на денешна Македонија. Докажавме сите заедно што значи патриотизам, лојалност и чест. Докажавме дека Македонија се сака со дела, а не со празни флоскули и лажни ветувања“, рече таа.
Стојаноска укажа дека ова е време кога сите се освестија, видоа, почувствуваа на своја кожа и знаат за што зборува ова ВМРО-ДПМНЕ, кога вели дека криминалецот има само име и презиме, а нема партија, националност или религија. Ова е време кога криминалците ќе одат по судови, а докажаните виновни по затвори. Ако некој што сторил криминал, се обиде да се крие позади партиските бои или да глуми жртва заради националната припадност, тоа нема да врви повеќе.