Македонија Интервју на Курир

Стефковски: Граѓаните на Гази Баба во Христијан Мицкоски ја гледаат последната надеж за Македонија

Интервју со Бобан Стефковски, градоначалникот на општина Гази Баба каде ВМРО-ДПМНЕ имаше најголема разлика во гласови со СДСМ.

Стефковски: Граѓаните на Гази Баба во Христијан Мицкоски ја гледаат последната надеж за Македонија

Господине Стефковски, поминаа два дена од оддржувањето на парламентарните и вториот круг од претседателските избори. Гази Баба е општина во која ВМРО-ДПМНЕ направи најголема разлика во гласови со СДСМ. На што се должи тоа?

 Најнапред благодарам на Вашата редакција за поканата за ова интервју. На почетокот пред било што да кажам, сакам искрено и од срце да се заблагодарам на граѓаните на општина Гази Баба кои масовно излегоа на гласање и го дадоа својот глас за ВМРО-ДПМНЕ. Точно е дека по официјалните резултати кои ги погледнав на Државната изборна комисија може да се заклучи дека ВМРО-ДПМНЕ најголемата разлика во гласови на ниво на Република Македонија за парламентарните избори ја има во општина Гази Баба, односно Владо Мисајловски го победи Оливер Спасовски со разлика од 17.416 гласови, додека пак новата претседателка на Македонија Гордана Силјановска Давкова го победи Стево Пендаровски со разлика од 19.023 гласови. Ваквиот резултат за мене беше очекуван, бидејќи бев во постојана комуникација со граѓаните преку секојдневните средби на терен. Едноставно СДСМ и ДУИ имаа шанса повеќе од 7 години да бидат владеачка гарнитура во Република Македонија и да покажат резултати. Тие покажаа дека ниту знаат, ниту можат. Граѓаните на овие избори беа одлучни за промени кои ќе донесат подобро утре.

Која според Вас е клучната причина која го доведе СДСМ да има најслаб изборен резултат во својата историја?

Неможе да се каже ниту пак да се издвои една причина која го довела СДСМ во ваква состојба, бидејќи со една или две грешки не се стигнува до тука. СДСМ изминатите 7 години направи многу стратешки грешки, ги понижи граѓаните и ја игнорираше нивната волја. Но јас би кажал тука една друга теза, а тоа е дека СДСМ загуби и во општините во кои има свој градоначалници избрани пред само две и половина години на локални избори. Што значи тоа? Дека и тие по примерот на луѓето од централната власт ги заборавиле граѓаните но и ветувањата кои ги кажале за време на локалните избори. Во политиката има едно правило кое секој што сака да се занимава со политика мора да го знае, а тоа е: го потцениш ли својот народ, казната ти доаѓа на првите избори!

Како ја коментирате одлуката на ДУИ да го бојкотира вториот круг на претседателските избори?

Антидржавна одлука, базирана на исклучиво партиски интерес, а замислете во името на својата коалиција им стои Европски сојуз и токму тоа е доказ дека не е добро ниту за партијата ниту за општеството 20 години една иста партија да биде на власт и затоа е здраво што ДУИ следниот период ќе го помине во опозиција.

Вчера во јавноста излеговте со барање за оставка од градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска. Како дојдовте до оваа идеа?

Не се работи за идеа се работи за принципи. Најголемиот проблем на политичката сцена во Македонија досега е тоа што не постоеа принципи. Не можам да разберам на половина од својот мандат како градоначалник на град Скопје да се кандидираш за пратеник и да освоиш само 2584 гласови во истите тие општини во кои пред само две ипол години си освоила 118.545 гласови и да не чувствуваш одговорност пред граѓаните да поднесеш оставка. Не требаше јас да барам, требаше самата Арсовска на 8 Мај вечерта да излезе и да поднесе оставка, а Скопје да се врати на скопјани, бидејќи по 8 Мај е јасно дека Скопје е узурпирано од страна на Арсовска, таа ја нема поддршка од скопјани.

Кога велите досега не постоеа принципи на политичката сцена во Македонија, сакате да кажете дека ВМРО-ДПМНЕ сега ќе воведе нови принципи?

Тврдам дека новото раководството на ВМРО-ДПМНЕ предводено од претседателот Христијан Мицкоски е тоа кое ги воведува новите принципи на политичката сцена во Македонија. Еднаш засекогаш во Македонија мора да се постават вредности во политиката, а клучната вредност според мене во политиката не е во она што ќе го ветиш за време на изборната кампања, туку во она што ќе го реализираш откако ќе ја добиеш довербата од граѓаните. И можам тука да кажам два конкретни примери кои ВМРО-ДПМНЕ ги реализираше. Првиот пример се пратениците од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ од минатиот парламентарен состав кој од првиот до последниот ден кажаа дека нема да прифатат менување на уставот на Македонија под бугарски диктат и останаа на тој став до крајот на мандатот и вториот пример се новата генерација на градоначалници кои ги номинираше ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година. Заедно со сите мои колеги градоначалници две и половина години на дело покажавме како се работи за својот народ и својата општина и покрај сите опструкции кои доаѓаа од министерствата.

За крај што очекува општина Гази Баба од идната влада на ВМРО-ДПМНЕ за која го даде најдобриот резултат во Република Македонија?

Големата победа за ВМРО-ДПМНЕ претставува уште поголема одговорност и со право очекувањата на граѓаните се големи. На ден пред изборите се обратив до моите сограѓани со писмо во кое напишав: “Дајте ја Вашата доверба на ВМРО-ДПМНЕ, ние нема да Ве изневериме! А сите Вие, жителите на општина Гази Баба добро ме познавате и знаете дека можете да ми верувате. Јас стојам на дадениот збор!”, кога ја пишував оваа реченица се водев од едно нешто, а тоа е мојата силна доверба во премиерот Христијан Мицкоски. Граѓаните на општина Гази Баба се прекрасни луѓе, скромен народ кои безкрајно си ја сака Македонија и во Мицкоски ја гледаат последната надеж за Македонија. Јас верувам дека големиот резултат ја обврзува новата Влада да ја стави Гази Баба во својот фокус за реализација на многу проекти.

 

Најнови вести од Македонија

To top