На отворените денови на Собранието, но и при секојдневни средби со граѓаните, ги слуша нивните пофалби и сугестии, но и критики. За проблемите заедно наоѓаат решенија.
Пратеникот Малиша Станковиќ во интервју за КУРИР открива дека од граѓаните на овие средби добиваат добри предлози и идеи кои наскоро ќе се преточат во конкретни законски решенија.
-Освен на Отворените денови кои ги имаме како Собрание, ние како пратеници редовно се сретнуваме со граѓаните. Граѓаните пред сè настапуваат со свои лични проблеми, што јас би ги поделил во две категории. Едни се проблеми за непостапување на одредени институции или потешкотии кои граѓаните ги имаат да ги остварат своите права пред институциите, а вторите се економски проблеми. Мене ме радува фактот што граѓаните знаат да пофалат и да кажат дека во изминатава година е значително подобрена состојбата во овие две полиња. Институциите почнуваат постепено да функционираат и да работат, економската состојба на граѓаните почнува постепено да се подобрува и тоа ме радува. Секако дека во наредниот период ќе мораме дополнително да работиме за подобрување на состојбата во овие две полиња. Јас сум пријатно изненаден од граѓаните кои што доаѓаат и со свои сугестии, често знаат да дадат навистина добри предлози. Ги сослушуваме граѓаните, сето тоа е сумирано и во наредниот период, јас се надевам дека тоа ќе биде од есен ќе продолжиме и тие идеи и сугестии кои ги имаа граѓаните ќе ги преточиме во конкретни законски решенија. Се надевам дека таквите конкретни законски решенија ќе бидат поддржани и од пратениците од опозицијата бидејќи и тие при ваквите отворени денови ги слушнаа истите идеи кои граѓаните ги имаат. Сметам дека ќе имаме голема поддршка за ваквите конкретни предлог-законски решенија, рече пратеникот.
Социјалистичката партија на Македонија, која е дел од владејачкото мнозинство, го реизбра Љупчо Димовски за свој претседател. Зачувувањето на националниот идентитет го поставија како примарна цел, а ни одговори и кои се целите на партијата за блиска иднина.
– Социјалистичката партија на Македонија е една од најстарите политички партии партии, ако мене ме прашувате и идеологијата на СПМ е најстара на овие простори. Ние работевме на тоа овој континуитет кој што партијата го има и оваа социјалистичка идеологија која партијата ја негува низ децениите наназад, да ја продолжиме и понатаму. Таа идеологија мораме да ја задржиме и кон тоа се стремиме. Во контекст на тоа е и реизборот на господинот Димовски за претседател на партијата, со што покажуваме еден континуитет во функционирањето на партијата, но и единство кое што партијата во овој момент го има. Освен реизборот на претседателот Димовски, на тој конгрес на партијата ние донесовме и еден многу значаен политички документ, тоа е Декларација која произлезе од конгресот, во кој ги дадовме контурите и насоките на наредното движење на партијата во периодот од четири години бидејќи толкав е мандатот на претседателот и на раководството на партијата. Од таа Декларација би издвоил само еден клучен момент, а тоа е националното единство и зачувувањето на националниот идентитет. Сметаме дека во овој период токму националниот идентитет, заштитата на културата и историјата на македонскиот народ, јазикот и идентитетот ќе бидат навистина ставени под удар, како што гледаме дека се ставени и ќе работиме исклучиво една од клучните работи на зачувување на тој национален идентитет. Јас сум задоволен со тоа што гледам дека нашите коалициони партнери од ВМРО-ДПМНЕ дејствуваат во иста насока и тоа е всушност и клучното нешто што вака нè спојува, ние како социјалисти-левица и ВМРО-ДПМНЕ како десница. Тој национален идентитет е нешто што мораме да го негуваме и зачуваме како македонски граѓани, сите заедно, вели Станковиќ.
Еден од неговите приоритети како сектор е земјоделството. Македонскиот земјоделец изминативе години беше понижен. Станковиќ оценува дека само преку креирање на нови мерки, како што тоа го прави актуелната Влада, земјоделците ќе добијат подобрена состојба, статут и ценење какво што заслужуваат. Целиот негов одговор на прашањето за оваа тема, погледнете го во видеото.
Убедлива победа на владејачкото мнозинство, а две до три општини за СДСМ – ваква е неговата прогноза за локалните избори кои есенва ќе се одржат во Македонија.
-Сметам дека бројот на градоначалници кои што сега го имаме и е навистина голем, уште повеќе ќе се зголеми. Можам да оценам дека моменталната опозиција, нашиот политички противник СДСМ, нема да има повеќе од 2-3 општини. Граѓаните видоа дека може со една креативна политика во изминатиов период од една година да дојдеме до подобрување на состојбата која што беше затекната. Ние не велиме дека сме поправиле сè за оваа една година, но граѓаните чувствуваат дека одиме кон подобро. Тоа сметам дека ќе се одрази на локалните избори и очекувам максимална и убедлива победа на претстојните избори. Ќе биде интересно како ќе се одвиваат работите кај оние општини за албанскиот политички блок, каде партиите кои се моментално дел од власта и оние од опозиција, ќе имаат една тесна битка за освојување на градоначалничките места, каде доминантно е албанското население. На оние места каде што е македонскиот блок, условно кажано, на гласачи, таму ќе освоиме апсолутна победа, истакна Станковиќ во интервју за КУРИР.
Една од најголемите битки се очекува да се води за Град Скопје. Станковиќ како човек со искуство во овој сектор го прашавме: По Данела Арсовска, каков градоначалник му треба на главниот град?
-По Данела Арсовска, секој градоначалник ќе биде добар. По Данела Арсовска ни треба градоначалник кој ќе се зафати со работа и поправање на сите оние состојби кои, за жал, изминатите четири години отидоа надвор од контрола. По Данела Арсовска ни треба реален работник кој ќе ја поправи работата во јавните претпријатија, ќе успеат ЈП да го работат она за кое што се реално формирани. Ќе успеат да имаме искосени тревници, да имаме чист град каков што во овој момент го немаме. После Данела Арсовска, на Скопје му треба градоначалник од коалицијата „Твоја Македонија“ за да продолжат работите онаму каде застанаа и да продолжат работите како што треба понатаму, порача пратеникот.