Македонија еснафска осуда на атакот на сдсм врз тв алфа

ССНМ и ЗНМ: Остра осуда за зачестените јавни напади и етикетирања на новинари и медиуми од СДСМ

ССНМ и ЗНМ ќе продолжат внимателно да ги следат овие појави и да реагираат секогаш кога ќе бидат загрозени слободата на медиумите, професионалниот интегритет и безбедноста на новинарите.

ССНМ и ЗНМ: Остра осуда за зачестените јавни напади и етикетирања на новинари и медиуми од СДСМ

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) и Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) изразуваат сериозна загриженост и најостра осуда на зачестените јавни напади, дисквалификации и етикетирања на новинари и медиуми од страна на политичката партија СДСМ. Последниот таков случај се однесува на јавното таргетирање и етикетирање на телевизијата АЛФА ТВ преку партиски соопштенија и јавни изјави, што претставува директен притисок врз медиумот и неговите новинари.

-Во изминатиот период, преку соопштенија на партиски ограноци, како и преку јавни изјави на лидерот на партијата и други високи партиски функционери, се забележува континуирана практика на таргетирање на новинари и медиуми со што се создава непријателска атмосфера кон медиумските работници.

Оваа појава не може и не смее да се третира како изолиран инцидент, туку како јасна и загрижувачка тенденција која придонесува кон поткопување на слободата на изразување, медиумскиот плурализам и безбедноста на новинарите. Јавното етикетирање и дискредитирање на новинари и редакции од страна на политички субјекти носи ризик од дополнителна стигматизација и може да охрабри понатамошни притисоци и напади врз медиумските работници.

Апелираме дека политичките партии не треба на ваков начин да комуницираат со медиумите и новинарите. Ваквиот тип на политичка реторика и конфронтација е неприфатлив кога е насочен кон медиумите. Медиумите не се и не смеат да бидат третирани како политички опоненти. Тие треба да бидат оставени слободно и без притисоци да ја извршуваат својата автономна новинарска улога, во интерес на јавноста и демократските процеси.

Како еснафски организации кои ги застапуваат правата и интересите на новинарите и медиумските работници, апелираме до политичката партија СДСМ, но и до сите останати политички субјекти, да ги почитуваат професионалните стандарди, јавниот интерес и улогата на новинарството во демократското општество и да се воздржат од реторика која придонесува кон продлабочување на недовербата и притисокот врз медиумите, се наведува во соопштението.

ССНМ и ЗНМ ќе продолжат внимателно да ги следат овие појави и да реагираат секогаш кога ќе бидат загрозени слободата на медиумите, професионалниот интегритет и безбедноста на новинарите.

Најнови вести од Македонија

To top