Македонија

Средбата на Силјановска Давкова и Радев во 14:30 часот по бугарско време

Претседателот на Бугарија Румен Радев и претседателката на Северна Македонија Гордана Сиљановска Давкова, според најавите, ќе остварат средба во 14:30 часот по бугарско време. Средбата ќе се одржи во Кабинетот на бугарскиот претседател.

Средбата на Силјановска Давкова и Радев во 14:30 часот по бугарско време

Радев и Силјановска Давкова, како што е најавено, вечерва заедно ќе присуствуваат и на операта „Набуко“ од Џузепе Верди, која е во изведба на Националната опера и балет.

Ова е прва средба на претседателката Гордана Сиљановска Давкова со претседателот на Бугарија, Румен Радев откако во Рим на чествувањето на светите браќа Кирил и Методиј не дојде до средба.

Во македонската делегација во Софија денеска се и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам Зоран Љутков

Пред денешната средба со Силјановска Давкова, бугарскиот претседател Радев изјави дека очекува конечно да се решат отворените прашања.

– Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Република Северна Македонија и очекувам овој дијалог да придонесе кон нашето културно зближување, но и да ја поттикне економската соработка. Очекуваме Северна Македонија да ги исполни сите свои обврски и кон нас и кон Европската Унија, изјави Радев.

Според Радев, Владата на Северна Македонија сè уште ја нема напуштено изборната реторика.

– Владата на Република Северна Македонија сè уште не ја напуштила изборната реторика. Потребно е да се вратиме во реалноста, Нашите односи ќе зависат од склучените договори, потенцираше Радев.

Во пресрет на посетата, премиерот Христијан Мицкоски вчера во одговор на новинарско прашање рече дека државава сака да гради добрососедски односи и дека тука нема никаква дилема.

– Нашата цел е да градиме добрососедски односи и така и ќе продолжиме. Имаме наши позиции по однос на нашите интереси. Ние ќе се бориме за нашите интереси како држава и не треба ништо да биде чудно, изјави Мицкоски.

Амбасадорката на САД Анџела Агелер вчера на телевизиско гостување рече дека е добро што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ќе оди во Софија каде ќе се сретне со претседателот на Бугарија, Румен Радев.

– Според мене е одлично што претседателката оди во Бугарија на покана на претседателот Радев. Овие врски во регионот се многу важни, бидејќи сте соседи. Колку се посилни односите меѓу соседите, толку побезбедна, попросперитетна и стабилна може да биде секоја земја, рече Агелер за централниот дневник на телевизија Сител.

Најнови вести од Македонија

To top