Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска се сретна со амбасадорот на Република Австрија, Мартин Памер. На средбата беше потврдена одличната соработка помеѓу двете земји и секако министерствата за внатрешни работи, како и заедничката посветеност кон регионалната и глобалната безбедност, борбата против криумчарењето на луѓе и илегалната миграција, против тероризмот и сајбер криминалот како едни од приоритетните области.
Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, особено била истакната соработката со Фронтекс на нашата јужна граница во чиј состав има австриски полициски службеници.
Од страна на амбасадорот Памер била потврдена поддршката на Австрија кон нашата интеграција во ЕУ и секако во реформите и борбата со криминалот и корупцијата.
Воедно, на средбата бил претставен и новиот офицер за врски во Амбасадата на Република Австрија со седиште во Скопје Клаус Грубер, кој доаѓа на функција после двегодишниот мандат на офицерот за врски во заминување Манфред Јурчевиќ.