Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, за време на учеството на 33-тото издание на Економскиот форум во Карпач, Полска се сретна со домаќинот, Потпретседателот на Владата на Полска и Министер за дигитални прашања, Кристоф Гавковски. Двајцата министри разговараа за можностите за интензивна соработка меѓу Македонија и Полска во областа на дигиталната трансформација.
За време на средбата, министерот Гавковски го презентираше полското искуство во однос на дигитализацијата на владините услуги и во тој контекст ја нагласи импресивната трансформација на Полска, особено во врска со употребата на отворени податоци. Министерот Андоновски се осврна на овие постигнувања како позитивни искуства, кои Република Македонија може да ги искористи од Полска, при развојот на сопствените дигитални услуги.
Двајцата министри разговараа и за предизвиците поврзани со задржувањето на професионалците од ИТ секторот во државната администрација, при што размениja мислења околу можни решенија за задржување на висококвалификувани кадри во јавниот сектор, што е од клучно значење за успешна дигитална трансформација.
Во контекст на можностите за надворешно финансирање, Андоновски и Гавковски ги разгледаа потенцијалните извори на финансиска поддршка, особено од Европската Унија, за поддршка на дигиталната агенда во двете земји. Вицепремиерот Гавковски ја истакна подготвеноста на Полска да помогне во максималното искористување на меѓународните фондови во изградбата на силен дигитален систем.
„Македонија има амбиција да стане дигитален центар во регионот. Соработката со искусни партнери како Полска и приватните инвестиции во ИТ секторот, ќе ни помогнат да ги постигнеме овие цели, подобрувајќи ги услугите за граѓаните, зајакнувајќи ја економијата и градејќи подобар меѓународен имиџ на нашата земја”, истакна министерот Андоновски.
Двајцата министри се договорија да ја интензивираат соработката во областа на дигиталната трансформација во иднина, разменувајќи идеи и добри практики за модернизација на јавниот сектор.
Гавковски го покани Андоновски да биде говорник на министерскиот состанокот за дигитална дипломатија на високо ниво кој ќе се одржи во мај, во рамки на полското претседателство со ЕУ. Беше договорена и мешовита владино-економска посета на Македонија која ќе значи отворање на македонската економија кон крупните полски инвестиции.