Акционерското друштво за железнички транспорт на стоки Србија Карго денеска соопшти дека склучило договор со Железницата на Македонија – Транспорт АД Скопје, на која ќе и изнајми четири електрични локомотиви од серијата 461, со што е воспоставена стратешка соработка на две државни железнички компании во областа на железничкиот транспорт на стоки, јави дописникот на МИА од Белград.
Србија Карго наведува дека овој договор носи бројни придобивки, бидејќи значително ќе го забрза протокот на стоки од грчките пристаништа, како што се Солун и Пиреја, преку Македонија и Србија, што ќе овозможи побрз транзит кон Европската унија.
-Се очекува оваа иницијатива значително да придонесе за зголемување на приходите на двете железнички компании и подобрување на нивните деловни процеси, се додава во соопштението.
Се проценува дека закупот на дополнителни локомотиви на македонската компанија ќе овозможи зголемување на капацитетот на транзитниот сообраќај на Коридорот 10, кој делумно минува и низ Србија.
-Србија Карго генерира дополнителен приход со изнајмување достапни локомотиви, додека Железниците на Македонија со овој закуп обезбедува поефикасен транспорт на транзитни возови, вклучително и оние на големите компании како Коско, обезбедувајќи континуитет на сообраќајот низ Србија, се наведува во соопштението.
Овој договор овозможува полесна и побрза соработка меѓу соседните земји и претставува значаен чекор кон модернизација и подобрување на железничкиот транспорт во регионот, дополнително зајакнување на економските и инфраструктурните врски меѓу Република Србија и Македонија. (МИА)