Македонија

Спасовски: Со беспрекорната организација на Самиот на ОБСЕ во Скопје, ја потврдивме нашата посветеност и професионализам во сферата на безбедноста

Спасовски ја истакна и одличната меѓуинституционална соработка во однос на организација, при што ја изрази својата благодарност до сите чинители.

Спасовски: Со беспрекорната организација на Самиот на ОБСЕ во Скопје, ја потврдивме нашата посветеност и професионализам во сферата на безбедноста

Денеска (21.12.2023) министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски присуствуваше на приемот во организација на Претседавачот со ОБСЕ, министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи, а по повод доделување благодарници за успешна организација на 30. Министерскиот Самит на ОБСЕ кој се одржа во Скопје во периодот од 27 до 30 ноември. Од страна на Претседавачот со ОБСЕ беа доделени благодарници за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за финансии Фатмир Бесими, Директорот на Служба за општи и заеднички работи, Пеце Мирчевски. Во име на добитниците, министерот Спасовски се обрати пред присутните.

„Некој некогаш рекол: Онаму каде што се среќаваат можноста и добрите подготовки, таму е успехот! Ние како држава ја имавме историската можност да бидеме домаќини на настан од светски ранг – Министерскиот самит на ОБСЕ.Наша чест беше да дадеме сѐ од себе, со врвна подготовка, преку взаемна соработка, да се претставиме во најдобро светло. Прво, за да ја оправдаме довербата пред целиот свет, дека ние како држава и како институции, можеме и умееме да ги покажеме не само нашето гостопримство и капацитет за организација на настан од висок ранг, туку и нашата целосна посветеност кон зајакнување на регионалната и глобалната безбедност”, истакна министерот Спасовски, додавајќи дека половина месец по реализацијата на 30. Министерски самит на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, со која нѐ поврзува децениско партнерство и успешна соработка, можеме комплетно да бидеме задоволни од реализираната обврска.

„Затоа што Република Северна Македонија ја покажа не само својата способност да се справи со предизвиците што ги носи организацијата на меѓународни настани од овој калибар, туку и својата одлучност да биде активен учесник во градењето на посилни меѓународни односи. Самитот беше платформа за засилување на високо етаблираниот меѓународен кредибилитет на нашата земја. А беспрекорната организација на настан од глобална важност, која нѐ направи успешни домаќини, ни овозможи да ја зголемиме нашата видливост на меѓународната сцена, но и да ја потврдиме нашата посветеност кон мирот, стабилноста, соработката и развојот”, истакна Спасовски.

Притоа, тој го потенцираше безбедносниот карактер на Самитот на ОБСЕ.

„Вториот аспект, секако, е оној безбедносниот. Токму безбедноста е клучната компонента на овој самит. Карактерот на самитот, преточен во мотото во текот на претседавањето на Република Северна Македонија со ОБСЕ – „За луѓето се работи”, беше силата што нѐ водеше во тие наши напори. Да покажеме дека безбедноста сме сите ние, дека наш приоритет останува човечката безбедност во ера на регионална и глобална нестабилност и дека заедничките одлуки се за наше заедничко добро. Разорната сила на војната, моќта на дезинформациите, организираниот криминал и корупцијата имаат моќ да уништуваат животи на милиони граѓани. Затоа безбедноста на секој еден е важна! Од аспект на МВР, задачата беше да ја осигураме безбедноста и заштитата на сите делегации и учесници, што е одраз на нашиот капацитет да управуваме со сложени системи и безбедносни предизвици. Оваа одговорност ја преземавме најсериозно, знаејќи дека безбедноста е фундаментален предуслов за успешноста на овој меѓународен дијалог. Затоа и би упатил посебна благодарност до секој еден од ангажираните полициски службеници кои со својата максимална посветеност ја исполнија зададената цел”, рече Спасовски.

Спасовски ја истакна и одличната меѓуинституционална соработка во однос на организација, при што ја изрази својата благодарност до сите чинители.

„Но, не бевме сами во оваа успешна приказна. Одличната меѓуинституционална соработка уште еднаш беше потврдена, за што би упатил посебна благодарност до Министерството за одбрана, Министерството за финансии и институциите кои се дел од Владата на Република Северна Македонија. Покажавме дека заеднички сме посилни, дека товарот е полесен кога ќе се сподели, впрочем исто како и задоволството по успешно завршената работа. А посебни честитки упатувам до Претседавачот со ОБСЕ, за успешната организација на Министерскиот самит во Скопје. Но, не смеам да ги заборавам и нашите граѓани, посебно жителите на Скопје кои, уште еднаш, се покажаа како достоинствени домаќини, подготвени да покажат максимално трпение и желба за соработка за повисоки цели и, секако, претставниците на медиумите, за нивната висока професионалност при следењето и известувањето од Самитот”, рече Спасовски, со уверување дека исправено ќе се соочиме и со сите идни предизвици, на нашиот пат до полноправно членството во ЕУ.

To top