Македонија

Составот на техничката влада во фокусот на јавноста, ВМРО-ДПМНЕ во следните денови ќе одлучува дали ќе биде дел од неа

Засега е познато дека премиер на техничката влада ќе биде актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери.

Составот на техничката влада во фокусот на јавноста, ВМРО-ДПМНЕ во следните денови ќе одлучува дали ќе биде дел од неа

Преодната или техничка влада за организирање на парламентарните избори на 8 мај 2024 година, треба да се гласа на 28 јануари. Засега е познато дека премиер на техничката влада ќе биде актуелниот претседател на Собранието Талат Џафери. Премиерот и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски доби овластување од партијата за консултации за техничката влада. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која според Законот, треба да има двајца министри и дополнителни заменици министри, во наредните денови ќе одлучува дали ќе учествува во техничката влада.

Премиерот и лидер на СДСМ Ковачевски изјави дека е законска обврска најголемата опозициска партија ВМРО – ДПМНЕ да предложи министри и заменици во предвидените министерства, во спротивно, вели тој, тоа ќе стави дамка на целиот изборен процес.

Прашан за можноста во техничката влада да има министри и од албанската опозиција, Ковачевски нагласи дека согласно законот точно се знае кои министерства ќе ги предводи парламентарното мнозинство, а кои од најголемата опозициска партија.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, треба да предложат министри во министерствата за внатрешни работи и за труд и социјална политика, а власта да предложи дополнително заменици министри во овие министерства. Од ВМРО-ДПМНЕ треба да предложат дополнителен заменик-министер во Министерството за финансии, во Министерството за земјоделство и во Министерството за информатичко општество и администрација.

-Ова се работи коишто се дефинирани согласно со закон, подвлече Ковачевски.

Повтори дека исто така законска обврска е и претседателот на Владата да поднесе оставка 100 дена пред одржување на изборите.

-Сметам дека не постои причина во овој случај ВМРО-ДПМНЕ да не ја исполни својата законска обврска, бидејќи тоа предлагање произлегува од Закон за Влада и од Закон за избори, изјави Ковачевски.

ВМРО-ДПМНЕ, според пратеникот и член на Извршниот комитет на партијата Антонио Милошоски, органите на партијата во следните неколку дена ќе одлучуваат дали партијата ќе учествува во техничката влада. ВМРО-ДПМНЕ, вели тој, би требала да учествува во техничката влада за да ги развласти СДСМ и ДУИ.

-Ќе заседаваат Извршниот и Централниот комитет, но сметам дека кога владата ја предводи човек како Талат Џафери кој безброј пати го прекршуваше Деловникот, кој не го пополнува местото член на ДИК кое и следува на опозицијата, а со месеци го влечка овој оглас и не го става на дневен ред, тогаш тој што би имал намера да не учествува во ваква влада за организирање на избори, може само да им даде поголема шанса на Џафери, Груби, Спасовски да прават малверзации, изјави Милошоски во интервју на ТВ Сител.

Милошоски смета дека доколку партијата донесе одлука да биде дел од техничката влада министрите кои ќе ги добие ВМРО-ДПМНЕ ќе имаат поголеми шанси да ја направат владата потранспарентна и да можат да попречат незаконитости кои планираат да ги прават СДСМ и ДУИ.

-Ценам дека министер за внатрешните работи, труд и социјала и тројца заменици во земјоделие, финансии и министерство за информатичко општество и администрација би биле добар влог во зголемување на изборниот систем и намалување на малверзациите на СДС и ДУИ. Затоа што не е случајно што Бесими е шеф на изборен штаб на ДУИ, нему приоритет ќе му биде да создава прилики за ДУИ да го избере тоа министерство за финансии за изборни цели. ВМРО-ДПМНЕ ако учествува во техничка влада таму би имале заменик кој ќе се обиде тоа да го спречи, рече Милошоски.

Претседателот на Собранието Талат Џафери, кој треба да ја предводи техничката влада, во интервју за ТВ 21 на прашањето што направил да ја заслужи таа функција рече дека ја работел работата што беше дефинирана со закон.

Џафери, меѓу другото, рече дека начелно има политички договор, и наместо најголемата партија, „премиер предлага коалицијата со најголем број на пратеници“.

-Ако законот вели партијата со најголем број пратеници, согласно Уставот Влада или премиер предлага коалицијата со најголем број пратеници. Значи иако во Законот за Влада така пишува, Уставот дава можност премиер да биде предложен од коалицијата која има 61 или повеќе пратеници, рече Џафери.

За одбивањето на ВМРО-ДПМНЕ да го прифатат за премиер тој вели: „ВМРО-ДПМНЕ го прифати Талат Џафери за министер за одбрана во 2013, зошто би имале против да ме прифатат за премиер“.

Претседателот Стево Пендаровски во интервју за 360 на Националната телевизија на прашањето за неговиот став за иницијативата за укинување на така наречената „пржинска влада“, која според закон, се избира сто дена пред парламентарните избори, рече дека има потреба од техничка влада се додека не се дојде до ниво на политичка култура во која поразот ќе се признае вечерта, а тоа, како што наведе, ќе се базира на веродостојни факти од теренот кои кажуваат дека стварно си победил.

-Подобро да има и такво функционирање во делови и нефункционирање временски на техничката влада отколку да бидете на страна и да речете „нема кој да ги сопре, нема никаква кочница во таа влада“. Тогаш, влези внатре, макар еден од сто случаи ако го спречиш во таа насока, е добро и за тебе добро и за македонската демократија, изјави претседателот на државата.

To top