Македонија

Сопругата на Јанакиески: Не застанувај и бори се за правдата, ја заслужуваш ти и твоите синови

Сопругата на Јанакиески: Не застанувај и бори се за правдата, ја заслужуваш ти и твоите синови

Европскиот суд за човекови права и слободи ја објави пресудата во случајот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески против Северна Македонија, во однос на изречените мерки притвор за судските предмети за „27 април“ и за „Шпански скали“, во која стои дека му биле прекршени правата од членот 5 на Европската конвенција за човекови права.

Сопругата на Јанакиески, Сања, на социјалните мрежи објави видео со порака тој да продолжи да се бори за правдата.

-Тешко е само да се изгледа ова видео од 5 минути, а камоли сето тоа да се преживее! Но, за среќа секогаш правдата победува и вистината излегува на виделина. Господ дава сила на праведните и храбрите! Велат големите луѓе имаат големи искушенија…па љубов моја не застанувај, продолжи да чекориш една нога пред друга, барај сила во себе, слушај го гласот во тебе кој те води напред како и досега, знам дека ќе успееш и ќе победиш, ќе победиме. Не застанувај и бори се за правдата зашто ја заслужуваш ти, ја заслужуваат твоите синови!, стои во објавата на сопругата на Јанакиески.

– Случајот се однесува на два сета на кривични постапки против господинот Јанакиески, првиот за терористичко загрозување на уставниот поредок, и вториот за злоупотреба на службената положба, за време на кои му биле нарушена слободата со одлуки на домашните судови. Потпирајќи се на Членот 5 (право на слобода и безбедност) од Конвенцијата, господинот Јанакиески поднесе жалба за наводни незаконитост и произволност, недостиг на релевантни и доволни причини и недостиг на брзо право на жалба на неговото лишување од слобода, се вели во соопштението од Судот во Стразбур.

ЕСЧП утврдува повреда на член 5 став 3 поради недостиг на доволно причини за лишување на жалителот од слободата и повреда на член 5 став 4 поради недостиг на „брзо“ прегледување на лишувањето на жалителот од слободата.

Според пресудата, државата ќе треба да му плати вкупна отштета од 6.100 евра на Јанакиески, од кои 3.900 евра за нематеријална штета и 2.200 евра за трошоци.

To top