Македонија Собрание на рм

Собраниска делегација на Регионален семинар за парламентите на Западен Балкан

Собраниска делегација на Регионален семинар за парламентите на Западен Балкан

Делегацијата на Собранието на Република Македонија активно учествува на Регионалниот семинар за парламентите на Западен Балкан, кој се одржува на 23 и 24 февруари 2026 година во Подгорица, Црна Гора.

Делегацијата ја сочинуваат Дафина Стојаноска, Саранда Имери Стафаи и Димитар Ковачевски. Семинарот е организиран заеднички од Меѓупарламентарната унија (IPU) и Парламентот на Црна Гора, и е посветен на клучните прашања поврзани со климатските промени и зелената транзиција во регионот.

Во семинарот учествуваат и делегации од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, и Србија, како и европратеникот Томас Вајс (преку видео врска), претставници од извршната власт на Црна гора, академци и меѓунaродни и регионални организации.

Семинарот беше отворен од страна на претседателот на Парламентот на Црна Гора, Андрија Мандиќ. По него, на присутните им се обратија и Дејан Дуровиќ, претседател на Комисијата за туризам, земјоделство, екологија и просторно планирање, Бобан Станишиќ, генерален секретар на Парламентот на Црна Гора и Мартин Чунгонг, генерален секретар на ИПУ кој се обрати преку видео врска. Работата на семинарот се одвиваше во сесии, со презентации и во интерактивна форма.

Претставниците на Собранието имаа активно учество во интерактивната дебата во текот на сите сесии на Семинарот, со конкретни ставови, споделувајќи национални искуства и придонесувајќи конструктивно кон регионалниот дијалог за предизвиците на климатската политика и зелената транзиција.

Првата сесија беше посветена на тековните и проектираните влијанија на климатските промени врз Западен Балкан, со посебен акцент на економските, социјалните и еколошките ризици. Разгледани беа конкретните последици по земјоделството, управувањето со водите и инфраструктурата, како и улогата на парламентите во зајакнување на отпорноста и адаптацијата.

Втората сесија беше насочена кон зајакнување на капацитетот на пратениците ефективно да комуницираат со граѓаните за климатски предизвици и последици. Дискутирано беше како да им се спротивстават на дезинформациите и за начините за вклучување на граѓаните и засегнати страни во конструктивни дијалози за климатска акција.

Исто така, беа презентирани стратегии за јасна комуникација до различни публики, градење на јавната доверба и адресирање на загриженоста, поврзани со економијата, работните места и цената на енергијата.

Третата сесија ги истражуваше начините на кои декарбонизацијата и климатската акција во Западен Балкан можат да промовираат и поддржат економски и одржлив развој, како и да ја зајакнат регионалната и пазарната интеграција со ЕУ.

Истакната беше стратешката улога на парламентите во усогласувањето на националното законодавство со рамките на ЕУ и глобалните климатски рамки, како и во надзорот на процесот за праведна и зелена транзиција. Семинарот, кој продолжува на 24 февруари 2026 со теренска посета, претставува важна платформа за размена на искуства, стручна комуникација и регионална соработка меѓу парламентите на Западен Балкан во областа на климатската политика и зелената транзиција.

Најнови вести од Македонија

To top